Со внимание го следиме последниот Извештај на Стејт департментот на САД за заштита на човековите права во Македонија. Овој извештај е најкритичниот Извештај во последните години во врска со гарантирањето на човековите права од страна на Владата и генерално властите, изјави денеска Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласи дека е јасно дека Владата е најкорумпираниот елемент на државата.

-И ако ги анализираме и претходните извештаи, јасно е дека ставот на Стејт департментот од опоменувачки, во последните три години, стана осудувачки за работата на оваа Влада и од умерена и внимателна критика прерасна во директна осуда на она што Владата го прави. Корупцијата стана неизлечива болест за оваа Влада. Извештајот наоѓа и тука цитирам „сериозна владина корупција, значителна судска корупција, неефикасни судови, ендемична корупција меѓу затворскиот персонал и одложена правда“. На 47 страници, 22 пати Извештајот зборува за висока корупција во сите ешалони на власта. И ако во 2020 или 2021 година државни службеници биле сметани за корумпирани, сега корумпирани се цели слоеви на владејачката елита. Во судството, од одредени примери на погрешно судиско однесување сега неправдата и корупцијата прераснаа во проблем број 1 и на граѓаните и на меѓународните партнери. Отсуството на судска независност и драстично намалена доверба – најниско измереното ниво на доверба во правосудниот систем од независноста на земјата, односно само четири отсто само ги покажува вистините кои сите ние ги живееме секој ден, вели Андоновски.

Истакна дека извештајот ја лоцира и одговорноста. Екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција, затоа што судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат стапување на сила на институтот застареност.

-И за ова не е виновно само правосудството, јасно е дека е виновна Владата. Извештајот вели:
„Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност. Владата не ја почитувала. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок на судиите“ се дел од причините за мизерната состојба во судството. Затоа Ковачевски ако почнува ветинг, тој треба да почне од себе. Да се прочисти себе од Владата, затоа што тој е оној кој владее со непотизам, купување услуги, лична корист и судир на интереси. Извештајот алармира и за директни злоупотреби од страна на припадниците на безбедносните сили, извештаи дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и употребувала прекумерна сила, полициски распити на новинари за тн. „информативни интервјуа“. Извештајот забележува и нечовечко и понижувачко постапување и тешка пренатрупаност во одредени затворски одделенија.На крајот, н овинарските слободи се сериозно засегнати. Ако некогаш се зборуваше за слаба независност на новинарството, состојбата прерасна во отворени закани кон новинарите и лоши медиумски слободи повторно цитирам „власта не презела конкретни мерки за санкционирање на кршењата на правата на новинарите и заштитата на нивната безбедност“. Јасно е, почитувани, дека сите гледаат дека корупцијата ја јаде владата на ДУИ и СДСМ. Во исто време, таа го јаде и секое здраво ткиво во општеството. Тоа го забележуваат меѓународните партнери, но тоа најмногу го гледаат граѓаните. Човековите права на граѓаните се во ризик, а повредите се секојдневие, нагласува тој.

Според Андоновски потребни се промени веднаш и најави дека ВМРО-ДПМНЕ уште во својата предизборна програма ќе предвиди јасен акционен план за борба против корупцијата и тргувањето со влијание на сите нивоа – од судско обвинителското ниво, па се до извршната власт.

-Со законски измени ќе предвидиме анализа на потеклото на имотот на сите носители на јавни функции. Еднаш засекогаш ќе го затвориме прашањето на корупција во политиката, во судството, во безбедносниот сектор… Нема да дозволиме повеќе да се уништува Македонија и корупцијата на ДУИ и СДСМ да ни ја краде иднината на државата, потенцираше Андоновски.