Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска сподели дека завршиле една важна етапа од соработката со Естонија и e-Governance Academy (EGA).
„Со гордост можам да споделам дека со увид во работите на воспоставувањето Владиниот ЦСИРТ успешно ја финализиравме првата фаза од нашата соработка со крајот на проектот „EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building“, финансиран од Европската Унија. Како финална активност беше реализирана донација на опрема во вредност од 149.921,20 евра, со која дополнително се зајакнуваат оперативните капацитети на GOV-CSIRT и заштитата на државните институции и критичната дигитална инфраструктура, истакна Андоновски.
Тој додаде дека оваа поддршка била комплементарна со инвестициите на Министерството за дигитална трансформација од над 1,5 милиони евра за целосно опремување и модернизација на Владиниот ЦИРТ.
„Резултатот е јасен: побрза детекција на закани, поефикасен одговор на инциденти и повисоко ниво на сајбер-отпорност на државата. Искрена благодарност до Европската Унија и до експертите од EGA за професионалноста и посветеноста. Вака треба да изгледа вистинска меѓународна соработка со мерливи резултати, вели министерот и додава дека ова било уште еден доказ дека европското партнерство носи конкретна вредност за Македонија.
Паралелно со зајакнувањето на сајбер-безбедноста, Андоновски посочи дека активно работат и на иницијативата „Роаминг како дома“.
„По последните информации од Европската комисија, процесот напредува, а Владата веќе го утврди текстот на законските измени за целосно усогласување. Како што ветивме, ќе бидеме меѓу првите целосно усогласени земји во регионот. Нашата цел е јасна: сигурна, поврзана и европска дигитална држава“, објаснува министерот.




