Притисоци за укинување на алатката балансер има, прво тие беа во форма на потсмев кога ќе кажевме дека ќе се укинува, за сега да се замени со дрскост па дури и со закани за безбедносна дестабилизација, изјави во емисијата Аргумент+, министерот за Дигитална трансформација, Стефан Андоновски за реакциите од ДУИ за укинување на балансерот.
Тој истакна дека балансерот ќе се укинува фазно и дека во опција се можност за носење Закон за соодветна и правична застапеност при вработувањата или со промена на методологијата која се уште е на сила а за која беа надлежни Министерствата за информатичко општество и администрација и за политички систем.
Андоновски вели дека нема ниеден од овие наративи кој му е поблизок како опција што би го заменила балансерот, туку дека најблиска опција му е таа која приматот ќе го стави на образованието, знаењето и на професионализмот на самиот кандидат за вработување.