Инфраструктура за интероперабилност меѓу институците постои, но тоа не е само ИТ прашање. Не се доволни 2,6 милиони трансакции месечно на оваа плаформа, може и мора да има десет пати повеќе. Институците не смее да функционираат како засебни острови, туку да бидат дел од платформата и да разменуваат податоци, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на панелот „Од интероперабилност до институционална отпорност, за искористување на потенцијалот на поврзаните податоци“, во рамки на третата годишна конференција на Американската стопанска комора што се одржува во Скопје.

Андоновски сподели дека се воведува единствен електронски број на граѓанинот, откако вчера на седница на Владата биле прифатени измени на Законот за Централен регистар на население.

– Тоа ќе биде репликација и во единствениот даночен број за граѓани, што значи ќе имаме анонимен број што ќе поврзува и ќе дава информација за секој граѓанин за да ги заштитиме граѓаните. Анонимизиран матичен број, истакна Андоновски.

Најави активности за поголема искористеност на Платформата за интероперабилност на Министерството за дигитална трансформација на која сега се приклучени само 78 државни институции, иако тоа е задолжително. За разлика од претходно, за тоа веќе е предвиден инспекциски надзор и прекршочни одредби. Очекува наскоро на платформата да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите, адвокатите, а ги повика и приватните компании од кои досега има само десетина.

Според Андоновски, со надградбите од минатата година платформата се полесно се инсталира и користи на најбезбеден можен начин.

– Со Платформата за интероперабилност за разлика од многу држави ние веќе ја имаме технолошката основа која подразбира комуникацја помеѓу себе. Има и поразвиени држави од нас кои ја немаат оваа платформа и за секоја услуга развиваат билатерални врски една со друга институција. Тоа кај нас е олесено и со зголемување на бројот на институции го подобруваме процесот на многу едноставен начин. Ако еднаш се прикачила УЈП на платформата за нтероперабилност може да го користи за многу различни процеси, рече Андоновски.

Како што соопшти, преку платфотрамата за интероперабилност во ноември годинава имало 2,6 милиони трансакции, што е за 274 проценти раст од просекот во 2024 година. Таков тренд имало и во октомври, со раст од 269 проценти, и во септември со раст од 163 проценти. Бројот на институции од 65 колку што биле лани се зголемил на 78, а до крајот на годината очекува да биде околу 80. Со минатогодишната надградба забрзан е процесот за размена на податоци.

Минатата година се приклучени 10-ина приватни компании, претежно телеком операторите банкарскиот сектор и осигурителните компании. Платформата е отворена за бесплатно приклучување на уште компании, затоа што потоа со едноствани веб сервиси ќе може да извлечат податоци од државата ако за тоа има правен основ, укажа министерот Андоновски.

Според него, проблемот е во однесувањето на институциите, а не во приватниот сектор.

– Јас доаѓам од приватниот сектор и првиот шок што го добив кога влегов во Министесртвото беше од коментарот „Ова се нашите закони“. Ако едно министерство има свои пет закони тоа не постапува по ниту еден друг закон во државата. Како да е остров сам за себе, иако законите, како Законот за електронско управување и Законот за дигиталчни документи ја даваат основата за однесувањето. Вчера од еден од покрупните директор слушнав ваква констатција – тоа е мој податок што го прибирам по мои закони и немам зошто да го споделувам со друга институција од друг сектор. Проблемот е системски во размислувањето на администрацијата. Ова не е критика туку констатација во каква состојба живееме. Сме создале острови во овие 30 години кои не комуницираат меѓу себе. Ако имате закон за лична карта, за него не се гледа законот за електронски документи и затоа институците кои постапуваат по Законот за лична карта воопшто не постапуваат по Законот за електронски докумнети што е нелогично затоа што системот е еден, законите се едни и служат на системот. Не може да креирате паралелни системи и во секој закон да напишете дека ќе има електронски документ, рече Андоновски.

Користењето на оваа платформа е задолжително за сите институции, но како што рече тоа што го замерува на претходниците е што во ниту еден закон досега немало инспекциски надзор и прекршочна обврска за институциите доколку не се приклучат и не разменуваат податоци.

– Со законски измени од почетокот на годинава воведовме инспекциски надзор, првпат го формираме секторот за инспекциски надзор и ќе почнеме да алармираме малку повеќе за овие прашања, малку подиректно кон институциите не веднаш со канзување. Во државава ако немате прекршочна одредба ако нема закана од санкција многу тешко се постапува. За жал, немало и политички притисок за овие платформи, рече Андоновски.

Најави оперативност и на регистрите кои не се дигитализирани, односно нивно прикачување на платформата. – Тука претежно фокус ни е Министерството за финансии, со новиот проект за Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), Адресниот регистар, модернизацијата на Управата за јавни приходи, најави Андоновски.

За поддршка на процесот за поголема интероперабилност направена е набавка на хардверска ифраструктура која се инсталира неделава со што според министерот ќе се забрза размената на податоци и безбедноста на системот. – Секоја нова електронска услуга нема да ја поддржуваме се додека нема информација дека ја користи платформата во вистинска смисла, посочи Андоновски, наведувајќи дека во таа насока добро искуство биле студентските ваучери за студентите за коишто првпат се влечеле податоци од Централен регистар на население но и од Министерствотото за образовани и наука за редовни студенти.

На конференцијата ќе се одржат и панели на темите „Дигитализација и сајбер безбедност во енергетскиот сектор“, „Забрзување на дигиталната трансформација во финансискиот сектор“ и „Финансирање на дигитализацијата“.