Ако дозволиме да влеземе во натпревар на моќ, натпревар на старост како нации тогаш бегаме од основното право на меѓународните односи дека секоја држава е еднаква во меѓународниот правен поредок ако е признаена од Обединетите Нации, изјави Стефан Андоновски секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното дебатно гостување во емисијата „Анализа 24“ на Телевизија 24.
„Проблемот кај нашите претставници е тоа што не ги знаеме ставовите на Македонија и што сакаме ние од овие преговори со Бугарија, ниту пак која е целта на нашата македонска страна. Ние со Бугарија имаме проблем со идентитетските прашања, а соработката во другите области постоела и пред договорот за добрососедство и соработка од 2017-та но без било какви барање на Бугарија кон македонскиот јазик и историја“, рече Андоновски.
Андоновски потенцираше дека доколку ЕУ направеше посериозен политички притисок да овие прашања се разрешат и Македонија да почне преговори со ЕУ тогаш овој процент на антизападно расположение во Македонија би било помало, затоа што директно ќе ги согледавме придобивките од тоа.
„Доколку отпочневме преговори со ЕУ ние ќе ги согледавме придобивките. Напротив кај нас имаше доцнење на вакцините и слаб политички одговор на ЕУ во нашите евроинтеграции. Доколку отпочнеме преговори со ЕУ ние сега ќе имавме поголема помош во овој кризен период од земјите членки на ЕУ“, заклучи Андоновски.