САД се стратешки партнер на Македонија и поддржувач во пракса, рече Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против на телевизија Алфа осврнувајќи се на прашање во врска со изјави на меѓународните претставници во кои укажуваат на лошата состојба во државава.

„Нервозата кај нив, кај меѓународните претставници е поради тоа што предолго го поддржуваа СДСМ затоа што веруваа на лагите прво на Заев, а потоа и Ковачевски кои ветуваа борба против корупција, висок животен стандард, владеење на право, а не направија ништо. Единствено испорачаа договори со Грција и Бугарија без да ја консултираат јавноста, потпишуваа договори за да крадат и поради тоа меѓународните партнери се изнервирани“, кажа Андоновски.

Андоновски објасни дека цел на ВМРО-ДПМНЕ се граѓаните и оти сакаат да ги решат клучните проблеми на граѓаните.

„Ние имаме и план за прашањето со Бугарија, ние и до сега дадовме предлози како хрватски модел, одложено дејство на важење на Уставот во кој ќе се вклучени за Бугарите. Сега одиме на избори и ќе излеземе со сериозна понуда. Овој пат резултатот ќе биде близу два спрема еден во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Македонскиот народ до сега доживеа премногу разочарувања никој не го праша за ФИРОМ, за знамето, за Охридскиот рамковен договор, територијалната организација, па ни сега за договорите со соседите. Ние ќе имаме платформа, решение и кое дава гаранција за членство во ЕУ и само така може да се вметнуваат малцинства во Уставот. Или суштински нашиот предлог се состои во гаранција за влез во ЕУ и гарантирање за добрососедски односи со Бугарија, што е лесно со прифаќање од официјална Софија на пресудите од Стразбур“, рече Андоновски.