Почитувани,

Во изминатите денови ја информиравме јавноста за криминогеното однесување на раководството на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Оваа Агенција е одговорна за распределување на европските фондови за финансирање на образование, мобилност, млади, спорт и граѓански сектор. Во паника од откривањето на незаконското работење, директорката на агенцијата, Лидија Димова ги потврди наводите на ВМРО-ДПМНЕ и не демантираше ниту една поента од вчерашната прес конференција.

Обзнанивме дека Димова, пуленот на Зоран Заев, трошела стотици илјади евра на самопромоција без тендер и доделувала финансии на свои блиски организации. Фрапантно е и дека Димова признава дека од благајната на Националната агенција недостасуваат пари, но таа не се согласува дека се работи за десетици илјади евра без покритие.

Затоа, ја повикуваме Димова да ги прикаже на македонската јавност документите со кои се покажува дека во Агенцијата недостасуваат пари на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на Европската Унија. Зошто таа, како одговорно лице, нема покритие, зошто недостасуваат овие пари?!

Исто така, помеѓу редовите навреди и лични дисквалификации, Димова не успеа да одговори дали набавила возила во износ од 100.000 евра кои не се употребуваат за потребите на Агенцијата, туку за лични потреби? И дали дел од овие возила се сериозно оштетени, затоа што се несоодветно користени од лица блиски на Лидија Димова?

Во меѓувреме, сведоци сме на информации од страна на вработени во Агенцијата кои се жалат на притисоци, мобинг и закани заради изнесените информации во емаил порака која е доставена до сите домашни и странски надлежни институции.

Денес, прашуваме и дали се точни наводите во емаилот дека Националната агенција должи илјадници евра кон приватни и државни организации со кои има потпишано договори за грант? До нас стигнуваат поплаки дека средствата не се исплаќаат, а во исто време се бара и нивен поврат.

Истовремено, прашуваме и дали директорката Димова врши влијание врз надворешни експерти при оценувањето на апликации и финални извештаи, при што фаворизира нејзини блиски организации и лица. Подоцна таа ги ангажира истите како тела за вршење анализа и спроведување обуки за кои исплаќа баснословни суми. Според овие информации, овие обуки се спроведуваат со ресурси на Националната агенција, а темата на обуките е предмет на работа на вработените, за што не мора да се плаќаат дополнителни надоместоци од илјадници евра на нејзините блиски лица.

Во целиот изминат период, Димова се заканува, уценува, отвора дисциплински постапки и неосновано доделува откази на вработени во Националната агенција. Ова, според информациите, е за да ги спречи вработените да не изнесуваат информации за незаконитото раководење на истата. За жал, Димова не може да излезе од матрицата на самобендисаниот квазиинтелектуализам и да сфати дека својата месечна плата ја добива на грбот на нас граѓаните на кои ни должи одговори, а не навреди. Таа очигледно покажува авторитарно, противзаконско и малициозно однесување.

Сепак, до нас пристигнаа информации дека за ова поведение на Димова, информирани се службите на Европската комисија, ОЛАФ како и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

По официјалното признание за незаконско работење во Национална агенција, бараме надлежните институции да покренат соодветна постапка против раководството на Националната агенција. Бараме и неодложна оставка на Лидија Димова!

Стефан Андоновски, ВМРО-ДПМНЕ