Светската ѕвезда Андре Риу, познат како „современиот крал на валцерот“ на 23-ти ноември ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Тој во Македонија доаѓа со неговиот 60-член „Јохан Штраус оркестар“, најголемиот приватен оркестар на светот. Концертот е во организација на „Пасворд Продукција“.

“Здраво, драги мои пријатели од Македонија! Јас и мојот оркестар со нетрпение го очекувавме враќањето во вашата прекрасна земја и големиот настап пред македонската публика. Но, безбедноста на големото “Андре Риу семејство“, составено од вас – мојата драга публика, целиот мој тим и музичарите, секогаш доаѓа на прво место! Ви благодариме за трпението и ве моламе да останете во добро здравје! Многу љубов од Мастрихт!” – вели Андре Риу.

Концертите на Андре Риу се огномет од емоции. На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични и мелодии полни со душа како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.