И денес, 20 години подоцна, нема одговор на прашањата: што се случуваше во 2001 година – војна, субверзивна војна, воена криза, воен конфликт, внатрешен вооружен конфликт, вооружен бунт, борба за човекови права или нешто сосема друго, кој беше агресорот, кој ја нападна државата, со кого војуваа припадниците на безбедносните сили, дали судирот беше внатрешен, бевме нападнати однадвор или истовремено и одвнатре и однадвор? Всушност, одговор има, но различен, понекогаш дури и дијаметрално спротивен зависно од авторот или од тоа на чија страна е тој. Единствено неспорно е дека во 2001 година имаше вооружена борба и вооружени дејствија, Република Македонија се најде во непрогласена вооена состојба, истакна претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов на денешната церемонија по повод постхумното доделување на признанијата на четворицата починати армиски и полициски генерали, Панде Петровски, Ристо Галевски, Јосип Бошевски и Атанас Јовчески.

Ангелов во обраќањето подвлече дека во конфликтот од 2001 година изгубија сите – загинаа борци и цивили од двете страни, имаше ранети, осакатени и трауматизирани, разурнати беа цркви, џамии и куќи, а државата дополнително беше осиромашена и се врати десетици години назад, и на економски и на меѓуетнички план.

Сепак, тој останува на ставот, како што потенцира, дека војната не требаше да се случи зашто Албанците, рече, можеби поспоро, но постепено ќе ги решеа сите свои барања, без убивања.

Ангелов истакна дека денес активно работи на процесот на помирување меѓу Македонците и Албанците.

-Ако сакаме да живееме безбедно, мора да го заокружиме процесот на помирување. Разликите за тоа што било меѓу нас останаа до денес, но немаме разлики за иднината, нагласи Ангелов.

Се уште е убеден дека борбата тогаш била за територија, иако повеќе припадници на УЧК, како што посочи, тврдат дека се бореле за човекови права.

-Но, кој беше виновен? Сите дотогашни државни раководства кои не нашле начин да го спречат конфликтот што тлеел и се подготвувал претходно. Сепак, воопшто не било лесно и едноставно да се најде таков начин, ова можам да го кажам од денешна перспектива, 20 години подоцна, нагласи Ангелов.

Тој во оваа прилика изрази јавна благодарност до претседателот Стево Пендаровски, кој, како тогашен советник на шефот на државата Борис Трајковски, помогнал и придонел да се спречи конфликтот да премине во крвава војна. Воедно рече дека ја поздравува и поддржува „мудрата меѓуетничка политика“ на актуелниот државен врв кој го промовира концептот едно општество за сите.

-Концепотот има слабости, но генерално ја води државата напред. Да бидеме најпрво граѓани, а потоа да ги земеме предвид етничките припадности, порача Ангелов.

Претседателот на „Достоинство“ укажа и дека државата нема регистар, ниту прецизна бројка колку припадници на безбедносните сили учествувале во конфликтот и дека тоа мора што поскоро да се изготви.

Церемонијата почна со интонирање на химната на „Достоинство“ и со едноминутно молчење за загинатите и починатите припадници на безбедносните сили. По обраќањето на Ангелов беше прикажан спот за „тигрите“ снимен во 2002 година и документранеи филм на „Достоинство“ чија цел е, како што рече Ангелов, дај се зачува меморијата за она што се случуваше во 2001-ва, но не и да се распалува меѓуетничка омраза.

Покрај членови на семејствата на четворицата починати генерали, на церемонијата присуствуваат и претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, како и поранешни армиски и полициски генерали и други старешини, вклучувајки и припадници на редовниот и резервниот армиски и полициски состав, учесници во одбраната на Република Македонија во 2001 година.