Законот за бранители коj го поднесе пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во реалноста не може да се спроведе. Лидерот на Достоинство вели дека ова законско решение ни одблиску не е исто со она кое партијата го поднесе пред изборите и со кое се бара обештетување на 15-тина бранители и 10-тина воени инвалиди. Ангелов останува на ставот дека ониe кои ја нападнаа државата во 2001, не може да се израмнат со оние кои ја бранеа, објазвува Сител.
Законот за бранителите е заглавен во собраниската комисија која ја предводи пратеничка на Европскиот фронт и таму ќе остане, вели и првиот вицепремиер и еден од четворицата лидери на владиниот партнер Вреди. Во интервју за Радио слободна Европа, Меџити тврди дека ова законско решение е во насока на обидот на СДСМ и ДУИ да ја дестабилизираат државата.
– Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат, тврди Меџити.
Албанските партии овој закон го условуваат со донесување на законско решение и за припадниците на УЧК. Претходно од владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека со коалицискиот партнер Вреди немаат разговарано ниту за бранителите, ниту за припадниците на УЧК. Премиерот Мицкоски повеќепати посочи дека бранителите ја имаат и ќе ја имаат неговата поддршка.