Народната банка и во 2020 година гарантира дека денарот ќе биде стабилен, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МИА.
Како централна банка располагаат со редица механизми со кои секогаш се подготвени да ја гарантираат стабилноста на домашната валута, да ја одржуваат ценовната стабилност и да дадат максимален влог за поволен макроекономски амбиент. Укажува и дека макроекономските проекции посочуваат на продолжување и умерено забрзување на растот на македонската економија, со што би достигнал околу 3,8 отсто во 2020 година.
Дали Народната банка, како и претходните години, и оваа година останува на одржување на ценовната стабилност, односно дали денарот ќе биде стабилен?
Ние како централна банка располагаме со низа механизми со коишто секогаш сме подготвени да ја гарантираме стабилноста на домашната валута, да ја одржуваме ценовната стабилност и да го дадеме максималниот влог за поволен макроекономски амбиент. Гарантираме – и во 2020 година денарот ќе биде стабилен.
Монетарната стратегија на одржување стабилен курс на домашната валута подразбира потреба од одржување соодветно ниво на девизни резерви. И во првите часови на новата година можам да потврдам дека тие на редовна основа се одржуваат на високо ниво. Заклучно со крајот на ноември минатата година изнесуваат нешто над 3 милијарди и 241 милион евра.
Морам да нагласам дека сите показатели упатуваат на адекватност на резервите не само во тековниот период, туку и во однос на идната проектирана патека во следниот среднорочен период. Очекуваме дека проектираната надворешна позиција на економијата и однесувањето на економските субјекти ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви, со што тие и во следниот период би биле во комфорната зона и би овозможиле соодветна поддршка за одржување стабилен денар.
Стабилноста на домашната валута директно придонесува за одржување ниска инфлација, за стабилни очекувања на економските субјекти и за стабилен финансиски систем – фактори што се неопходни за обезбедување поволен амбиент за поддршка на растот на македонската економија.
Кои од проектите што беа актуелни за Народната банка минатата година би ги издвоиле?
Најпрво, пристапувањето на нашата земја кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на ММФ – СДДС плус, коешто беше иницирано од Народната банка, а го остваривме со заеднички влог со Државниот завод за статистика и Министерството за финансии. Станувањето осумнаесетта земја што е дел од овој стандард е и потврда за квалитетот на нашиот статистички систем.
На планот на статистиката, како значајна активност, секако би го издвоила и пуштањето во употреба на статистичкиот веб-портал „НБСтат“, којшто го изготвивме со поддршка од Европската Унија. Според повеќе анализи спроведени во централнобанкарската заедница, статистичките веб-портали со напредни можности за корисниците се најсовремената, актуелна статистичка алатка преку која на наједноставен и најбрз, а во исто време и најдетален начин се дисеминираат податоците. Сега и нашата централна банка има веб-портал којшто нуди такви можности, идентично како веб-порталите на овластените носители на статистички истражувања од повеќе земји од Европската Унија. Со „НБСтат“ се отвора многу поголем простор за анализа на нашите официјални статистички податоци, во согласност со потребите на корисниците, а со тоа се поттикнува и развојот на истражувачката активност.
Секако, не би можела а да не ја споменам и Портата за иновации којашто ја отворивме неодамна, како резултат на нашата решеност засилено да ги поддржуваме иновациите во финансискиот сектор – проект којшто е во согласност и со подготовката и на новата законска регулатива за платежните услуги и платните системи. Драго ми е што преку Портата веќе ни се обратија неколку компании.
Во време кога развојот на финансиските технологии наметнува неопходност од уште поголема финансиска писменост, сметам дека е особено значајно и што ги засиливме активностите на планот на финансиската едукација и што вклучивме и активности за поттикнување на финансиската инклузија. Притоа, минатата година, за разлика од претходно, преку повеќе проектни активности бевме попосветени и на возрасното население, односно на потрошувачите на финансиски услуги. Во март го започнавме серијалот текстови „Економија за секого“, а потоа во рамките на Деновите на финансиска писменост упативме и јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации и истовремено имаше поставено и инфопулт во Народната банка. Кон крајот на годината го започнавме и прикажувањето на серијалот анимирани видеа „Со Народната банка во светот на финансиите“, којшто ќе продолжи следната година, со поддршка од ЕФСЕ. Ни причинува задоволство што имавме можност да бидеме домаќини на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа, откако претходно, во првата половина на годината бевме домаќини и на потпишувањето на новиот Меморандум за соработка на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија меѓу сите регулатори на нашиот финансиски систем.
Драго ми е што го започнавме и твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“, поддржан од ЕУ. Во спроведувањето на проектните активности наши партнери се централните банки на Германија и на Хрватска, а во дел од активностите е предвидено да се вклучат и експерти од централните банки на Белгија, Литванија, Португалија, Романија и од Холандија. Со поддржувањето на овој проект, којшто ќе трае и оваа година, укажана ни е голема доверба, којашто не се сомневам дека ќе ја оправдаме со конкретни резултати.
За крај, не би можела а да не споменам дека ми е драго што се покажавме и како добри домаќини на состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка и што во соработка со Министерството за финансии ја потврдивме подготвеноста да бидеме носители на настани коишто се на високо експертско ниво и на коишто се дискутира за клучни прашања и теми за европската и глобалната економија.
Навистина, бројот на проекти не е мал и не е лесно да се издвојат само неколку. Но, ценам дека она што е најважно е што ние, како централна банка, постојано го даваме максималниот влог за нашата економија – обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, а во тие рамки секако и спроведување монетарна политика којашто е соодветна на економските фундаменти.
Какви се плановите на Народната банка за 2020 година?
И оваа година ќе продолжиме да го унапредуваме своето работење во согласност со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики во централнобанкарската заедница, и тоа не само во рамки на твининг-проектот за јакнење на нашиот институционален капацитет. Веќе ја усвоивме Програмата за работа во којашто покрај остварувањето на нашите редовни задачи, внесовме и низа нови проекти и активности. Помеѓу другото, оваа година во нашиот фокус ќе биде и веќе најавеното изготвување на Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и на Национална стратегија за примена на финансиски технологии и поддршка на развојот на финтек-секторот. Планираме да спроведеме и анализа на тековната заштита на потрошувачите на финансиски услуги и да преземеме активности за унапредување на нашата поставеност како централна банка во оваа сфера, а истовремено ќе работиме и на проект за унапредување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста на Народната банка.
Годинава очекуваме донесување и на новиот закон за платежни услуги и платни системи, на којшто работевме заедно со Министерството за финансии. Во голем дел тој ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји. Во зависност од динамиката на донесување на новиот закон, во нашата програма се предвидени и проекти коишто ќе овозможат измени или донесување соодветна подзаконска регулатива. На среден рок, во текот на следните неколку години, овој процес на унапредување во делот на регулативата би требало да придонесе за засилување на конкуренцијата во обезбедувањето на платежните услуги.
Истовремено, за зголемување на сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем, во нашата годишна програма за 2020 година се предвидува и спроведување консултативен процес преку Националниот совет за платни системи, за воспоставување стратегиски насоки за изработката на повеќегодишна стратегија за развој на платниот систем на нашата земја.
Во рамките на постојаните напори за хармонизација на домашната со европската регулатива и поаѓајќи од определбата за примена на препораките на мисијата ФСАП на ММФ и Светската банка, ќе продолжиме и со активностите за унапредување на регулаторната рамка заради натамошно јакнење на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина. Меѓу другото, ќе ги воведеме најновите меѓународни стандарди поврзани со ликвидноста и ликвидносниот ризик на банките и ќе воспоставиме нови правила за натамошно јакнење на транспарентноста на банките. Поаѓајќи од една од нашите основни цели – придонес кон одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, ќе иницираме и измени на соодветната законска рамка со коишто ќе се обезбеди засилување на позицијата на централната банка и отворање нов простор за нашите натамошни активности во оваа сфера.
Кои се Вашите очекувања за клучните макроекономски параметри во 2020 година?
Оцените на Народната банка во рамките на есенскиот циклус макроекономски проекции посочуваат на продолжување и умерено забрзување на растот на македонската економија, со што би достигнал околу 3,8 отсто во 2020 година. Овие очекувања ги темелиме на неколку претпоставки. Клучно, се очекува натамошен раст на странската побарувачка, иако изгледите за глобалниот економски раст се послаби во однос на претходните очекувања. Макроекономското сценарио претпоставува и стабилен домашен политички контекст и стабилни очекувања на домашните субјекти. Главните извори на растот ги гледаме во извозниот сектор, каде што во последнава деценија се случуваат структурни промени, влез на нови странски компании и позитивни промени во производната и извозната структура. Продолжувањето на циклусот на јавните инфраструктурни инвестиции, како и странските инвестиции се клучни фактори за растот на бруто-инвестициите. Дополнителен импулс се очекува и од личната потрошувачка, при натамошен раст на расположливиот доход и на кредитната поддршка на населението.
Во согласност со тековните оцени за цените на примарните производи, странската ефективна инфлација, како и на цикличната позиција на домашната економија, очекуваме дека стапката на инфлација и натаму ќе биде ниска и стабилна и ќе се движи околу 1,5 отсто. Во однос на надворешната позиција на економијата, нашите проекции покажуваат задржување на тековната сметка во зона на умерен дефицит и негово финансирање преку странски инвестиции и надворешно задолжување. Како што веќе споменав, очекуваме и натамошен раст на девизните резерви и нивно задржување во комфорна зона, во согласност со монетарната стратегија. Во услови на стабилен, добро капитализиран и ликвиден банкарски систем, очекуваме дека економскиот раст ќе биде соодветно поддржан и од банките, и тоа со солидна стапка на раст на кредитирање на приватниот сектор од околу осум отсто на годишна основа.
Сузи Котева Стоименова за МИА