Да го заштитиме секое работно место, секој да има средства за да го преживее и преброди овој период. Да ја заштитиме ликвидноста на буџетот за да ги сервисираме обврските и да ја заштитиме ликвидноста на стопанството кое потоа треба да се рестартира. Ова се целите по кои се раководиме во справувањето со кризата и менаџирањето со Буџетот, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Радио Слободна Европа.

Зборувајќи за што би се кратело од буџетот, Ангеловска наведе дека се што е во функција на справување со кризата, не може да биде предмет на кратење, како здравството и безбедноста.

Таа посочи дека треба да се обезбедат пари за секој граѓанин да има средства, да тече
социјалната заштита и сите да бидат солидарни, реални и самосвесни.

– Ако зборуваме за кратење на расходната страна, ќе има кратења на одредени стоки и услуги, одредени капитални услуги како што се купување на опрема, лиценци, софтвери, значи во едни такви услови сè што суштински и директно не е поврзано со справување со корона-кризата, а мора и може да биде предмет на кратење. Со една единствена цел – да се заштити секое едно работно место, секој да има средства да го преброди овој период, сите да бидеме солидарни, да ја заштитиме пред се ликвидноста на буџетот за да ги сервисираме овие обврски и да ја заштитиме ликвидноста на стопанството коешто потоа треба да се рестартира и да продолжи да ја полни цевката за да може да продолжи да оди и да тече нормално и расходната страна, рече Ангеловска.

Таа посочи дека првиот пакет мерки со кои се нудат бескаматни кредити, субвецнионирање на придонеси и одлагање на плаќање аконтации на данок на добивка, грубо чини околу 40 милиони евра.

– Зборуваме за околу, грубо кажано, 40 милиони евра и дополнително 50 милиони евра коишто Македонската банка за обнова и развој, најавивме, дека ќе ги стави во функција на стопанството преку кредити, за кои што сега се утврдуваат условите и се дискутира и со комерцијалните банки за истите да бидат пласирани преку комерцијалните банки, бидејќи се работи за заем од Европската инвестициона банка кој што е склучен. Сега разговараме за промена на условите, за истиот да биде ставен во функција на справување со кризата и помош на ликвидноста на стопанството. Овој втор сет на мерки кој што се изработува, допрвa ќе излеземе нели со бројките, меѓутоа оваа мерка за поддршка или исплата на минимална плата на погодените сектори и индустрии, во груба проценка, би чинела околу 100 до 120 милиони евра, оцени Ангеловска.