Со влегувањето во НАТО за македонските компании се отвора нов пазар од неколку милијарди евра, а политичката сигурност ќе ги стимулира инвестициите што ќе доведе до креирање на нови работни места, зголемување на обемот на трговијата и забрзување на економскиот раст и развој, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во Прилеп.
Таа учествуваше во НАТО караванот во организација на Инфо центарот за евроатлански интеграции и граѓанската асоцијација Мост.
Ангеловска потенцира дека со влегувањето во НАТО за домашните компании се отвора можноста да учествуваат на јавните набавки во системот на Алијансата.
-Јавните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и смарт правила што овозможуваат брз и флексибилен процес на набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда.Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ компаниите, рече Ангеловска.
Таа посочи дека како се земе просекот од пет години пред и по пристапувањето во НАТО за земјите кои станаа членки во 2004 година просечната стапка на невработеност се намалува за 5 процентни поени. За исто толку се зголемува и обемот на трговија.