Растот на нето платата во 2020 година, додаде, е проектиран на 6,3 отсто, што се темели на ефектите од зголемувањето на минималната плата, која ќе порасне за 2.000 денари од декември годинава, но и растот на платите во приватниот сектор, поддржани преку мерката за субвенционирање на приватните компании кои ќе ја покачат платата на вработените, истакна денеска Нина Ангеловска, министер за финасии, при презентација на Предлог буџетот за 2020 година во МФ.
Стапката на невработеност во вториот квартал во 2019 година изнесува 17,5 проценти, додека во 2020 година, според министерката, се очекува да се намали на 16,1 отсто. Стапката на вработеност се очекува да се придвижи нагоре до 48,2 проценти во 2020 година.
Според Ангеловкса, во фокус на Предлог буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал, односно во подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор. Годинава инвестираме речиси 56 отсто од вкупните буџетски расходи во областите врз кои се потпира човечкиот капитал, односно здравството, образованието и социјалата.
Таа посочи дека ваквите настани се добра пракса, бидејќи може да се слушнат видувањата и мислењата од експертите, синдикатите, бизнис секторот и невладиниот сектор.
-Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање на подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст, рече Ангеловска
Свесни сме, додаде, дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот.
-Добар Буџет, е оној кој ги адресира приоритетите, а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал, потенцира Ангеловска.
Министерката за финансии посочи дека буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3 отсто, односно на пониско ниво од годинава за која е проектиран дефицит од 2,5 проценти, и 2018 година кога е проектиран дефицит од 2,7 отсто.
-Ова е важен показател на силната определба за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти, посочи Ангеловска.
Нагласи дека проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 проценти од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.
Предлог буџетот изготвен од Министерството за финансии утре ќе се разгледува на владина седница. По усвојувањето од страна на Владата ќе биде доставен до Собранието.