Директна финансиска поддршка за задржување на ликвидноста на микро, малите и средните компани и субвенционирање на придонесите за месеците април, мај и јуни се дел од првиот сет мерки што Владата ќе ги преземе за справување со последиците од коронавирусот.
Обезбедени се 5,7 милиони евра од Развојната банка на Македонија кои ќе се наменат за микро, малите и средни компании чија економска активност е погодена од корона вирусот. Секоја компанија во зависност од бројот на вработени ќе може да добие од три до 30 илјади евра. Микrо компаниите до 10 вработени ќе добијат кредит од три до пет илјади евра, малите компании од 10 до 50 вработени ќе добијат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании од 50 до 250 вработени ќе може да добијат кредит од 15 до 30 илјади евра.
– Кредитите се бескаматни, грејс период шест месеци и период на отплата 24 месеци, истакна вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска на денешната прес-конференција во Владата.
Втората мерка се однесува на поддршка за исплата на плати. Ќе се субвенционираат придонесите за плати за месеците април, мај и јуни во секторите туризам, угостителство, транспорт и догодени компании од мерките на владата.
– Ќе субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 проценти од придонеси за исплатена просечена плата со тоа што компанијата да не го намалила бројот на вработени под бројот на вработени во февруари, да не исплатила дивидента и да нема исплатено награди и бонуси по влегување на сила на мерката. Само компаниите кои имаат остварено добивка како резултат на работењето во 2020 година ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 проценти од добивката, рече Царовска.
Сетот мерки, како што појасни Царовска, е донесен во соработка со стопанските комори и со експерти од различни ибласти.
– Заеднички дојдовме до сет на мерки и тоа го правиме уште во рана фаза од кризата. Започнуваме со реализација на мерки преку кои заедно ќе се справуваме со економските ефекти од коронавирусот и ќе ги балансираме и ликвидноста на компаниите и ликвидноста на државата, рече Царовска.
За фабриките и погоните се препорачува да се реорганизира работното време со цел да има што помал број вработени во смена и се препорачува дезинфекција после секоја смена.
Заради непречен влез и транзит на товарните возила, Санитарниот инсекторат ќе ги дава дозволите.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, повикувајќи се на предвидувањата на меѓународните институции, рече дека најголемиот шок за економијата се очекува во вториот квартал од годината, а веќе од третиот квартал начелно се очекуваат некакви подобрување.
Истакна дека како министерка за финансии се откажува од платата додека траат кризните мерки.
– Време е сите да го дадеме најдоброто од себе. Време е за солидарност и човечност, порача министерката Ангеловска.