Министерството за внатрешни работи во акциските контроли низ државата санкционираше над 1.000 возачи, додека на подрачјето на Куманово 180, информираше денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски во Куманово.
Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со засилените акциски контроли за ставање ред во сообраќајот. Во овој период, како што соопшти Ангеловски, Министерството ќе продолжи да ги санкционира оние кои возат пребрзо и кои се главна причина за тешки сообраќајни незгоди.
– Во изминатите денови, поточно во саботата и неделата имаме засилени акциски контроли на територијата на целата држава и има 1.069 санкции за пребрзо возење. На територијата на СВР Куманово во овие два дена имаме 181 санкција за пребрзо возење, информираше Ангеловски.
Тој апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи, како што нагласи, на овој начин се придонесува за безбедноста на учесниците во сообраќајот. Ангеловски јавно се заблагодари на мнозинството граѓани кои ги почитуваат правилата и прописите.
– Така заеднички соработуваме и придонесуваме за општата безбедност. Уште еднаш апелирам до оние коишто се неодговорни во сообраќајот да ги променат своите навики и на тој начин и тие да ни се приклучат да имаме што побезбедни патишта, изјави Ангеловски.
Од почнувањето на засилените акциски контроли зголемена е безбедноста на патиштата, намален е бројот на сообраќајни несреќи и бројот на жртви во сообраќајни несреќи. Од почетокот на годинава до 15 април, споредено со истиот период лани намалени се сообраќајни несреќи за 12 проценти, а бројот на жртви за 14 проценти.
Ангеловски смета дека со засилените акциски контроли и преку превентивното дејствување ќе придонесат за побезбедни патишта и сообраќај.