Целта на основањето на новата компанија Renewable energy supply (RES) е да го промениме досегашниот концепт на снабдување со електрична енергија на слободниот пазар при што на компаниите ќе им обезбедиме предвидливост на цената на струјата преку годишни договори, изјави екс вицепремиерот Кочо Анѓушев за ТВ канал 5.
Бившиот македонски вицепремиер Анѓушев, кој синоќа беше гостин во емисијата Само интервју, рече дека потребата од промени и унапредување на системот на трговија со струја се согледува токму при актуелните случувања на енергетскиот пазар и нејзиното драстично поскапување.
– Целта e да се промени концептот на трговија со електрична енергија бидејќи стариот е веќе истрошен. Веројатно тие кај кои што цената на струјата е мал процент од структурата и не се толку погодени. Јас имам некои свои капацитети за обновливи извори, но ценам дека тие не ми дозволуваат да продавам струја на некоја поголема компанија, затоа направив партнерство со бугарската компанија Реналфа и ќе се здружиме. Но, од друга страна тие во моментот откупуваат околу 400 MW од сопственици на обновливи извори, дополнително и во Македонија ќе им понудиме на сите производители од обновливи извори да им ја откупиме енергијата по коректни цени и тоа ќе ни даде можност да направиме еден т.н. базен од каде што еден добар дел од енергијата ќе ја продаваме по предвидливи годишни цени. Тоа ќе биде концептот на РЕС и се надевам дека ќе биде успешен и дека ќе биде добар за економијата, рече Анѓушев.
Тој смета дека државата треба да се води според веќе изготвената Стратегијата за енергетика и дека неопходно е да се започне со реализација на проектите за искористување на домашните ресурси за производство на електрична енергија, пред се’ во делот на обновливи извори.
Анѓушев вели дека на оваа опција треба да и’ се даде приоритет бидејќи рудниците за јаглен во земјава се веќе пред исцрпување, додека изградба на нуклеарна централа би било тежок и долг процес кој што зависи и од голем број на меѓународни институции и процеси.
Според Анѓушев, еден од енергетските проекти кој што би обезбедил поголема стабилност на македонскиот енергетски систем ја издвојува изградбата на хидроцентралата Чебрен преку јавно – приватно партнерство.
– Чебрен сега е добро структуриран како проект. Хидроелектрани кога има вода, ветерни електрани кога има ветер, фотоволтаици кога има сонце, а нема многу начини како да ја складирате енергијата како батерии кои што се се’ поатрактивни, но многу скапи, производство на хидроген исто така е некакво складирање на енергија. Но, суштината е кога имате такви капацитети кои што во еден момент даваат енергија, а во друг треба да ја трошат такво решение е Чебрен бидејќи се работи за реверзибилна електрана и кога имате повеќе енергија од долното езеро пумпате во горното езеро и на тој начин ја складирате енергијата односно го балансирате системот, рече Анѓушев.