Изгубена е секаква трага за 102 кучиња заловени во 2020 година во скопското ЈП „Лајка“ во времето додека директорка беше Тина Петрушевска, поставена од тогашната локална власт на Скопје, на чие чело беше тогашниот градоначалник, Петре Шилегов.
Ова се истакнува во реакцијата на Здружението за заштита на животните Анима мунди. Ја пренесуваме интегрално нивната објава на Фејсбук:
Лажирани податоци и кучиња на кои им се губи секоја трага – КАКО завршиле 102 кучиња заловени во 2020 год од ЈП Лајка?
По поднесена пријава и барање за спроведување на инспекциски надзор во ЈП Лајка по повеќе основи, се потврдија нашите тврдења дека недостига обемна документација, архивски кластери за судбината на 102 кучиња заловени и третирани од ЈП Лајка.
Повторуваме, изгубена е секоја трага за тоа како и каде завршиле 102 животни заловени и третирани во времето на мандатот на директорката Тина Петрушевска, директорка која во времето на својот мандат преку годишните извештаи за работа прикажа вкупни 15 еутаназирани кучиња (терминално болни), причина поради која ретко и го критикувавме нејзиното работење.
Директорка која 2 години градеше имиџ на активист и направи се да ги држи активистите подалеку од стационарот. Потсетуваме, во месец ноември на разрешената директорка и доставивме Барање на инф. од јавен карактер во однос на еутаназираните животни во Лајка – КОЛКУ КУЧИЊА СЕ УБИЕНИ и за секое едно бараме причина зошто – тоа го направивме поради реакции на граѓани за убиени мирни маалски миленици и самоволието на директорка да лично одлучува дали некое куче ќе биде убиено- потенцираме, дури и во случаи кога за него постои вдомувач кој би го земал на сопствена одговорност.
Токму тој период Петрушевска пријави пријави провала во стационарот. Прашуваме, дали е лажирана провала во стационарот, со цел да исчезнат документи од работењето на ЈП Лајка, за секогаш да се забошоти трагата за крајот на 102 кучиња.
Бараме институциите ВЕДНАШ да покренат истрага и дадат во јавноста одговори:
1) ДАЛИ КУЧИЊАТА СЕ ЖИВИ, ИЛИ УБИЕНИ. Ги упатуваме надлежните на финансиска ревизија со цел проверка на сите расходи и трошоци направени во стационарот во однос на животните, како и проверка на безбедносните камери, дали биле во функција кога се носеле усмртените животни во Дрисла. Кои трошоци се фактурирани за 102 кучиња за кои документацијата е исчезната е клучен податок за да дознаеме која била нивната судбина.
2) Дали ЈП Лајка вршела сомнителни вдомувања, продажба на животни во странство, пред се Германија? Дали затоа примарен фокус на Лајка беа расни кучиња со сопственик, каде што лицата мораа да плаќаат и буквално молат за да си го повратат своето куче – додека на улиците беа игнорирани илјадници бездомни , на кои им требала итна стерилизација или помош. Да се провери колку и кои животни се изнесени од земјава и под кои услови, поточно дали Петрушевска или било кој друг остварувал профит со дејност која е нехумана и незаконска.
Животните не се предмети, туку интелигентни, свесни, и чувствителни битија, а проблемот со прекубројноста на бездомните кучиња не е платформа за лесна заработка или остварување интереси кои се спротивни на интересите и благосостојбата на животните. Истрага веднаш, и секој за стореното да одговара!