Нова демократија во просек има предност од девет проценти пред СИРИЗА и ќе успее да формира еднопартиска влада, според новото истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Пулс“ за грчката телевизија Скај, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 7 јули, јави дописничката на МИА од Атина.

Според анкетата, која воедно е прва по европските избори минатата седмица, Нова демократија има од 31,5 до 36,5 отсто, а СИРИЗА од 22,5 до 27,5 проценти поддршка. Потоа следат Движење на промена, Комунистичката партија, Златна зора и Грчко решение.

Во истражувањето била направена анализа и на две можни сценарија за распоредот на партиите во грчкиот Парламент, а со тоа и можноста за формирање еднопартиска влада.

И во двата случаи, според анкетата, Нова демократија го обезбедува потребниот број од 151 пратеник за сама да формира влада.

Според првото сценарио, предвидувањата се дека по изборите на 7 јули, во грчкиот Парламент влегуваат седум партии. Нова демократија е прва со 151 пратеник, СИРИЗА има 74, Движење на промена 23, Комунистичката партија 16, Златна зора 15, Грчко решение 12 и Мера25 – девет пратенички места.

Второто сценарио предвидува Парламент со шест партии, односно Мера25 на Јанис Варуфакис останува без пратеници. Според ова предвидување, Нова демократија има 154 пратеници, СИРИЗА има 77, Движење на промена 25, Комунистичката партија 17, Златна зора 15, Грчко решение 12.

За 31 проценти од анкетираните, најдобро за земјата би било по изборите, Нова демократија да формира еднопартиска влада. Додека 17 отсто се изјаснија за коалиција со главен столб СИРИЗА, 16 проценти коалиција со главна партија Нова демократија, 15 отсто еднопартиска влада на СИРИЗА, а 10 проценти широка коалиција со учество на Нова демократија, СИРИЗА и други партии.

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, лидерот на Нова демократија, за Кирјакос Мицотакис се изјасниле 37 отсто од испитаниците, а за актуелниот претседател на грчката Влада, Алексис Ципрас, 27 проценти. „Ниту еден од двајцата“ бил одговорот што го одбрале 31 отсто од анкетираните.

Истражувањето на агенцијата „Пулс“ за грчката телевизија Скај било спроведено во периодот меѓу 30 мај и 1 јуни, а 1.358 лица телефонски одговарале на прашалникот.