Партиите во владејачката коалиција во Германија губат поддршка од јавноста само четири месеци по стапувањето на должност, покажува анкета што треба да ја објави денеска весникот „Билд ам Зонтаг“.

Според анкетата спроведена од Институтот за истражување на јавното мислење ИНСА во септември, конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц изгубила еден процентен поен во однос на минатонеделниот рејтинг и сега има поддршка од 25 отсто.

Нивниот коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СПД), исто така падна за еден поен на 14 отсто .

Доколку сега се одржат сојузни избори, 25 отсто од испитаниците рекоа дека би гласале за крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), која го задржа силниот рејтинг од претходната недела.

Рејтинзите на другите партии застапени во Бундестагот, Долниот дом на Парламентот, останаа непроменети, според анкетата спроведена меѓу 8 и 12 септември на 1.204 гласачи.

Изборните анкети генерално се предмет на неизвесност поради намалената партиска лојалност и сè пократкорочните одлуки за гласање, што го отежнува прецизното мерење на податоците од страна на институтите за истражување, посочува ДПА.