Резултатите од анкетата на „Галуп интернешнл“ покажуваат мал пад на оптимизмот за следната година, а граѓаните на повеќе од 40 држави најчесто очекуваат економски потешкотии.
Речиси две-петтини од испитаниците (38 отсто) веруваат дека 2022 година ќе биде подобра од лани, а ист е процентот (27) на тие што очекуваат полоша и на тие кои мислат дека ситуацијата ќе биде иста.
Песимизмот е највисок во Авганистан и во Турција, а оптимизмот е на највисоки ниво во Индонезија.
На прашањето дали 2022 ќе биде година на економски просперитет или потешкотии, 41 процент очекуваат економски потешкотии, а 26 отсто веруваат дека ќе биде година на економски просперитет.
Според анкетата во земјите од регионот доминира песимизмот. Најголеми песимисти се Бугарите (48 проценти наспроти 15 отсто оптимисти, потоа следат граѓаните на Северна Македонија (38 проценти песимисти и 21 отсто оптимисти), Србија (32 проценти песимисти и 26 отсто оптимисти), а на четврто место е Босна и Херцеговина (39 проценти песимисти и 31 отсто оптимисти).
И покрај економскиот песимизам, анкетата покажува дека 57 проценти од светската популација изјавиле дека се среќни, а само 13 отсто оти се несреќни.
Во анкетата учествуваа над 41.000 испитаници од повеќе од 40 држави.