Најновото истражување на јавното мислење на Истражувачкиот центар „ТРЕНД“ пред парламентарните избори во Бугарија, закажани за 4 април, покажува дека се уште е видливо дека во новиот состав на Бугарско национално собрание ќе има пет сигурни партии и две што се блиску до надминување на парламентарниот цензус.
На престојните избори ќе излезат да гласаат 47 од анкетираните граѓани, околу 21 отсто остануваат неодлучни, а 23 отсто изјавиле дека нема да гласаат на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија.
Анкетата покажува дека продолжува да се зголемува разликата меѓу двете најголеми партии во земјата, владеачката ГЕРБ и опозициската БСП, и во моментов таа е 4,8 отсто во корист на владеачката партија.
Социолозите од ТРЕНД ги споредуваат податоците со оние од почетокот на годината, коментирајќи дека разликата меѓу првите две партии е малку зголемена во корист на владејачката ГЕРБ, која го држи првото место со 28,9 отсто од оние што изјавија дека ќе гласаат. Опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) ја ужива поддршката од 24,1 отсто од гласачите.
Новата партија на шоуменот и ТВ водител Слави Трифунов „Има таков народ“ ја задржува третата позиција со 12,9 отсто, а по неа следи Движењето за права и слободи ( МРФ ) со 11,1 отсто. Сегашната слика покажува дека вонпарламентарната партија „Демократска Бугарија“ е петтиот сигурен учесник на следното Национално собрание со 6,2 отсто од оние што изјавиле дека ќе гласаат.
Двете партии кои во моментов немаат цензус, но се блиску да го достигнат се вонпарламентарната „Стани! Излези! ” на поранешниот правобранител на Бугарија, Маја Манолова, и ВМРО на вицепремиерот Красимир Каракачанов, што значи дека изборната кампања за нив ќе биде клучна.
Во моментот, новоформираната Патриотска коалиција Вил-НФСБ останува под цензусот (2,6 отсто).
Анкетата на софискиот истражувачки центар „Тренд“ беше нарачана од бугарскиот дневен весник „24 часа“ и беше спроведена во периодот од 12-19 февруари 2021 година. Анкетата се појави на една недела пред почетокот на изборната кампања во Бугарија.