55 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, 27 за СДСМ, 16 за ДУИ, 11 за ЕСП, 6 за Левица, 4 за ЗНАМ и 3 за Алијанса. Вака би изгледал новиот парлaментарен состав доколку резултатите од најновата анкета на ИПИС по изборни единици се пресметаат по Донтовиот модел кој се користи во Македонија, објавува ТВ АЛФА.
Анализата што ја направи Алфа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ убедливо води пред СДСМ во сите изборни единици а особено во 3-та и 4-та изборна единица каде би требало да освојат најмногу пратеници.
Традиционално ДУИ стои добро во 6-та каде треба да земе 7 пратеници, но албанскиот опозициски блок буквално им дише во врат и тука каде треба да имаат 5 мандати.
Пресметката не е сосема прецизна бидејќи голем дел од анкетираните не даваат одговор за кого би гласале, но ја дава приближната слика за тоа како би изгледал новиот собраниски состав.
Имајќи го во предвид процентот на статистичка грешка, како и фактот дека овие анкети се правени пред да се случи хаосот со лични документи и возачките дозволи, по изборите може да се очекува уште подлабоки разлики во резултатите помеѓу главните противници на политичката сцена.
Овие резултати покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има двојно повеќе пратеници од СДСМ, а паѓаат во вода и математиките на дел од провладините медиуми кои собираа и шуто и рогато, како што би рекол Зоран Заев, за да покажат дека владејачката коалиција ќе остане владејачка.
Па така СДСМ заедно со сите партии од албанскиот политички блок – ДУИ, Алијанса и ЕСП би имале речиси ист број на мандати колку што ВМРО-ДПМНЕ би освоиле сами, но недоволно за формирање на владејачко мнозинство.
Резултатите во сите изборни единици покажуваат дека најголем број од граѓаните сметаат дека победник на следните избори ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, дури и голем дел од поддржувачите на СДСМ не се оптимисти дека оваа партија би освоила значителен број на пратенички мандати.