Баварскиот премиер Маркус Зедер е главен фаворит за наследник на Ангела Меркел, која во следните шест месеци треба да се повлече од функцијата германски канцелар.

Истражувањето објавено денеска, од компанијата Форса со седиште во Берлин, покажа дека 68 проценти од членовите на демохристијаните на Меркел (ЦДУ) го поддржуваат Зедер како кандидат за канцелар на конзервативците на изборите во септември.

Само 21 процент од членовите на ЦДУ сакаат претседателот на партијата Армин Лашет да ја предводи кампањата на конзервативците, според анкетата нарачана од медиумската групација Редакционенцверк Дојчланд. Вкупно единаесет проценти сè уште не се одлучиле.

Поддршката на членството во ЦДУ за Зедер, кој е претседател на сојузниците на ЦДУ во Баварија Христијанско социјалната унија (ЦСУ), е во согласност со резултатите од многу други анкети на јавното мислење.

Поранешниот телевизиски новинар и баварски државен министер за финансии, 54-годишниот Зедер исто така има голема поддршка како кандидат за канцелар од поширокиот германски електорат.

Друго истражување спроведено меѓу гласачите објавено денеска и изработено од институтот за истражување на мислењето „Југов“ покажа дека 66 проценти сметаат дека Зедер има силни лидерски квалитети.