Со изненадувачки потег, анкетната комисија одлучи да се обрати до Венецијанската комисија за прашањето за разрешување на претседателот Илир Мета.
Комисијата, во која поголемиот број членови се од редовите на владеачките социјалисти, иако е убедена во уставните прекршувања на шефот на државата, сепак, одлучи да побара мислење од оваа специјализирана европска институција, која и помогнала на Албанија во сите важни законски иницијативи, вклучувајќи ја и реформата во правосудството.
Поради ставот на дел од членовите дека албанските правни експерти и покрај професионалноста се под влијание на една или друга политичка опција, не се отфрла можноста во работата на анкетната комисија да се вклучат и странски експерти.
Се чини дека разрешувањето на Мета ќе биде одложено поаѓајќи од досегашното искуство кога Венецијанската комисија дала најбрз одговор на Албанија, а тоа е за ветинг во политиката, кога мислењето го доби за два месеца.
Но, Венецијанската комисија од пред неколку месеци ја смени својата регулатива со додавање на посебен член во кој се предвидени мислења за итни прашања.
Се уште не е познато дали анкетната комисија ќе бара итно мислење од Венецијанската комисија за разрешувањето на Мета. Инаку, оваа институција заседава само четирипати годишно, додека следниот состанок е закажан на 11 и 12 октомври.