Владата треба да побара одговорност од министерот за надворешни работи Бујар Османи за користење на службените возила за партиски активности. Катица Николовска од Антикорупциската комисија соопшти денеска дека од документите што ги добиле од Внатрешната ревизија на МНР, констатирано е дека ова министерство во изборниот период имало 15 свои возила, а две биле земени од Агенцијата за разузнавање. Но, за овие возила министерството не водело никаква евиденција како се користеле бидејќи немало ангажирано лице кое треба да се грижи за возилата, начинот на користење, техничката состојба и хигиената. Не може да се докаже ни колку гориво се трошело за нив, во кои возила колку гориво било наполнето и потрошено. Недостигаат и редовни докази за километражата, како и налози за патување со нив, јавува Алсат.
Службените возила ги управувале лица од кабинетот на министерот, заменик министерот, државниот секретар и директорот на Управата за организациски работи. Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска вели дека уште потрагично е што министерот Бујар Османи патувал и држел партиски активности за време на изборите во работно време.
Од Антикорупциска велат дека користење на службени возила за време на изборите било забележано и од министерот за животна средина. Сепак, велат дека од документите се гледа дека за разлика од МНР, Министерството за животна средина ги одобрило сите акти за користење на службени возила. Од Антикорупциска ќе бараат од вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска да покрене иницијатива за одговорност за министерот за надворешни работи и министерот за екологија.