Антикорупциската комисија смета дека нема правни пречки за разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери што денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче.
– Како Комисија не гледаме правни пречки за да се спроведе мислата на министерот дотолку повеќе што во забраните во Изборниот законик, а и во нашиот закон, стои дека се забранува покренување постапка за престанок на работен однос. Тој ќе се промени од функцијата, но неговиот работен однос ќе си продолжи и понатаму како што си работел пред да биде директор. Законот вели дека е забрането започнување на постапка за вработување или за престанок на работен однос, а не за престанок на функција, вели претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во изјава за Канал 5 телевизија.
Министерот Венко Филипче денеска ја демантираше изјавата на Зибери дека влијаел во одлуката да се отворат границите без никакви ограничувања и најави дека ќе се консултира со правници доколку е можно во овој изборен период да се разреши Зибери .