Антикорупциската комисија денеска отворила постапка за проверка на имотниот лист на опозицискиот лидер Венко Филипче.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска за Телма потврди дека претставката е отворена по примена претставка од политичка партија. Предметот е отворен и ќе се разгледуваат наводите во претставката и имотниот лист на Филипче.
Претходно владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ неколку дена обвинуваше дека имотниот лист на претседателот на СДСМ бил поголем и тој имал повеќе станови сега како пратеник отколку претходно кога беше министер за здравство. Становите не ги пријавил кога требало и најавија дека ќе поднесат претставка до Антикорупциската комисија.
Од СДСМ пак ги доставија катастарските документи и тврдат дека обвинувањата не се точни туку дека начинот на пријавување на имотот сега е различен од претходно односно сега становите се пријавуваат преку наведување на имотен лист во катастар. Претходно било пријавувано само како вкупна квадратура и вредност, велат од СДСМ и тврдат дека нема промени на станбениот имот на Филипче меѓу неговиот министерски и пратенички мандат.