Антонија Стојанова има 14.5 години и прави вкусно овчо и козјо сирење. За разлика од многу други млади на нејзина возраст кои слободното време надвор од училиштето понекогаш го користат во прекувремено седење пред компјутер или со мобилен телефон, таа им помага на нејзините родители на нивната сточарска фарма во неготинското село Вешје.
Ја запознавме сосема случајно, кога деновиве го посетивме ова убаво село, целото во зелена боја во месец мај. Ни кажа дека отсекогаш сакала да им помага на родителите околу домашните обврски и работите на фармата. Полека навлегувала во тајните на сточарскиот живот и денеска може да се пофали дека знае и рачно да молзи овци и кози, но од пред некое време обезбедиле опрема за машинско молзење, во нивните стада од 330 овци и околу 250 јагниња и 50 кози и 70 јариња.
-Сирење започнав да правам кога бев на тринаесетгодишна возраст. Дотогаш, крадев, би рекла, по малку од занаетот, од татко ми и мајка ми. Научив што мора да се направи, за да се добие највкусно и најквалитетно сирење. Не беше тешко да се совлада мајсторлукот, ако се следи семејниот рецепт, што се пренесува од генерација на генерација. Многу работи може човек да научи, ако сака. Се школувам во градот, но секогаш кога имам слободно време, им помагам на родителите на фармата. Тоа што сум сточарско дете ме прави горда, рече таа за МИА.
Луѓето што ги сретнавме во селото, за неа велат дека има златни раце, што би се рекло, со марифет.
Во Вешје ја запознавме и нејзината мајка Станка, родена во кавадаречкото село Мрежичко и своевремено мажена во сточарско семејство во неготинско. Или, како што се шегувавме со неа, нејзе секирата и паднала во сирењето. И тоа во општина, вечен ривал на кавадаречката.
-Најголем дел од мојот живот, откако се омажив, го поминав во Вешје, во сточарско семејство со традиција. Јас и сопругот не сме биле вработени некаде, само со сточарство се занимаваме. Тој со децении ги напасува стадата околу селото. Тешко е, не велам дека е лесно, ама имаме многу голема помош и поддршка од синот и снаата, како и од Антонија. Нека ни се живи и здрави, тие ни даваат сила да ги пребродиме сите проблеми што одненадеж доаѓаат како неканети гости во една сточарска фамилија, раскажа мајката.
Муштериите биле задоволни со квалитетот на нивното сирење, па немале проблеми со пласманот на готовиот млечен производ. Козјото, било малку побарано од овчото сирење. Од епидемијата со корона вирусот наваму, зголемена била и побарувачката за козја сурутка, за која се верувало дека има лековити својства.
Стојанови ни кажаа дека со труд и посветеност, ова сточарско семејство успеало да се стекне со куќа во селото, но и со уште две куќи, во Кавадарци и Неготино, како и со четири автомобили.
-Млада сум, но уште сега знам дека сите нешта што сме ги постигнале во животот како фамилија, се благодарение на нашата сточарска фарма, подвлече Антонија.
Таа е полуматурантка. Во иднина, сака да се школува за фитомедицина. Ни откри дека има многу пријателки и пријатели, но дека нејзини најверни другарки и другари се природата во Вешје и животните од семејната фарма. Овците и јагнињата, козите со јарињата и 14 кучиња, од кои шест се родени неодамна. Ведра и насмеана, со позитивна енергија што зрачи наоколу и полна со живот. Секој би посакал да има дете како Антонија.
Светлана Дарудова за МИА
Фото : МИА