Во однос на скандалозната снимка која стана вирална во јавноста, каде претседателот на Собранието Талат Џафери омаловажува вработени во Собранието, коментираше и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Еден момент кој ни промакна, во случајот со пцостите и мобингот на спикерот ЏАФЕРИ кон собраниските стафери… Секогаш кога Џафери зборува со службеници-Албанци, им се обраќа на албански. Но, на снимката вреѓањето и понижувањето е на македонски јазик!
Дали тоа значи дека силеџиите од ДУИ, во македонското собрание, спроведуваат антимакедонска агенда поддржана од претседателот, на омаловажување врз етничка и национална основа?” – прашува на својот фејсбук профил Димитар Апасиев.
Претходно од политичката партија Левица реагираа во однос на објавената снимка, при што побараа Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието да изрече јавна опомена и суспензија на пратеникот Талат Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец. Според Левица, Џафери предизвикал тешки повреди на членот 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците, со што на вработените во Собранието им извршил притисок за време на извршувањето на нивните работни задачи, користејќи зборови и изрази со кои ги омаловажува и го навредува нивното достоинство.