,,Скоро половина година работата во Левица беше целосно блокирана од една тесна група членови на Централниот комитет собрани околу т.н. троцкистичка фракција „Црвени“, а инструирани од надворешен центар на моќ. Фракцијата, со своите претесни и ограничени идеолошки погледи, на секој начин се обидуваше да се наметне и да доминира – а притоа нејзините врбувани членови со крајни напори се обидуваа да го закочат, минираат и саботираат делувањето и акционото единство на Левица, посебно околу процесите на нелегитимните уставни промени, важните национални политички прашања од поширок интерес поврзани со „Преспанскиот договор“ и со т.н. Закон за двојазичност.
Повеќемесечната политичка борба внатре во главните органи на партијата силно ги наруши персоналните меѓучовечки односи и довербата неповратно се изгуби, особено после нелегалниот обид за пуч и смена на легитимните партиски органи од страна на т.н. орган со истечен мандат. Притоа, сите обиди да се дојде до взаемен компромис пропаднаа, а оваа маргинална група од пет-шест луѓе остана рововски закопана во своите погубни политички ставови, кои немаа никакво одобрување од базата, тврдоглаво одбивајќи да го сообрази своето штетно делување со реалните прилики на современата стварност и не сакајќи да ги почитува одлуките на ЦК донесени со апсолутно мнозинство гласови.
Истовремено беа откриени и серија финанскиски малверзации на дел од членовите на таа група, по што не остана никаков простор за можно заемно разбирање и идно заедничко политичко делување под истото борбено знаме и кауза. Поради овие, како и многу други флагрантни тешки дисциплински повреди на Статутот, легалните партиски органи решија да се консолидираат и оваа деструктивна група да ја исклучи од раководството на партијата, а на дел од нив да им го замрзне членството во Левица.
По овие неколкумесечни смислени тензии и интерни превирања – за кои е симптоматично тоа што секогаш се појавуваат за време на некој важен предизборен период, а се диригирани од власта која по четврти пат се обидува да ја растури Левица, сега преку врбување на луѓе кои повеќе од една година беа целосно пасивни и отсутни од јавниот дискурс – конечно партијата, еднаш-засекогаш, расчистува со овие штетни структури кои свесно го опстриураат и кочат нејзиниот иден развој и напредок. Од денес Левица се враќа на правилниот курс, посплотена од било кога, како единствена реална опција за работниот народ и за сите непривилегирани и обесправени слоеви од населението во нашата Република. Во меѓувреме, правиме напори и за враќање на илегално преземениот фб пејџ”, се вели во соопштението потпишано од Апасиев.