Димитар АПАСИЕВ
Сметам дека Судскиот совет е одвишок во нашиот уставен систем, затоа што наместо да биде опонент на извршната власт, тој е секогаш соучесник на извршната власт. Еден професор по право вели дека она што е личноста за поединецот, тоа е Уставот за општеството и овие уставни судии се всушност чувари на Уставот. Затоа, со голема доза на сериозност треба да пристапуваме при секое персонално решение кое што ни е понудено.
Во нашиот Устав, Уставниот суд е регулиран во посебна глава за да му се даде посебно значење и не случајно се вели дека Уставниот Суд е четврта власт – таа не е судска власт во својата суштина. Уставниот Суд не суди спорови помеѓу граѓани, туку суди спорови помеѓу Устав и закони. Југославија е првата комунистичка земја во светот која во 63-та година воведува Уставен Суд под влијание на легендарниот професор од Белград – Јован Ѓорѓевиќ, кој му бил личен пријател на Че Гевара.Југославија има одлична традиција на уставни судии, светски признати и светски познати, за жал додека не се осамостоивме кога почнавме да тонеме во поглед на биографиите на судиите.
Ние имаме најслаб персонален состав на Уставниот суд од кога постои уставното судство. Само кај нас истакнат правник може да биде правник кое прво вработување му било во селска задруга, односно земјоделска кооперација, за да потоа преку општина стане уставен судија. Наместо елегантна јуриспруденција во образложенијата на уставните судии, гледаме едно учено незнаење, една празна ароганција наместо теоретска поткованост, едни штури образложенија кои што дури и на студенти во семинарска би им ги вратиле доколку ви ги дадат со такви образложенија. И наместо кредибилитет на уставните судии, гледаме ликови со чиновнички CV, ликови од државни и управни органи, наместо професори по право.
Оваа споредба на некогашните и сегашни уставни судии е малтене поразителна, само споредете го еден Иво Пухан кој што бил југословенски делегат на Хашки конвенции по приватно право, член на арбитража во Париз со биографијата на пример на сегашната Вангелица Маркудова – анонимуси во правото. Нас ни требаат судии како Едвард Коук во Англија кои имале кредибилитет да му се спротистават дури и на кралот во 18-ти век, а не да бидат приврзоци на извршната власт.
Кога доаѓаме до ликот и делото на Добрила Кацарска, едногласно предложената судија од страна на Уставниот суд, бевме лишени од образложение на почитуваниот Киро Здравев кој не ни објасни по која процедура е бирана, дали имало други кандидати, дали е бирана од тефтерче и слично. Бидејќи и Груевски така мислеше дека судиите по тефтерчињата вечно ќе му бидат благодарни, меѓутоа тоа не е така. Бидејќи судија кој дозволил да биде биран од тефтерче е слуга на секоја власт.
Почитуваната Кацарска не ја знам лично. Во CV-то пишува дека има 34-годишен стаж како основен судија и самото тоа е поразително бидејќи не мрднала од основен судија. Од аспект на апсурдноста на ова персонално решение, сакам да го истакнам фактот дека таа е единствениот судија кој е осуден од Уставниот суд каде што ја бираме за уставен судија. И наместо да биде разрешена за тоа, таа е номинирана да биде уставен судија.
Јас ја прибавив одлуката на Уставниот суд за адвокатката Зефиќ и останати адвокати кои беа казнети со 1500 евра од Кацарска. Уставниот суд, за да не се бламираме пред Стразбург, пресуди во корист на адвокатите. Во одлуката се наведува дека „Кацарска предизвикала состојба на функџонален проблем бидејќи ги натерала адвокатите да пишуваат на колено, наместо да им обезбеди услови за работа, со што било оневозможено непречено вршење на бранителската улога на адвокатите во предметот”. Наместо за ова да биде разрешена, сега се предлага да биде колешка на овие што ја казниле.
Исто така, да не заборавиме за 27-април душмански пресуди 300 години за тероризам, такво нешто не се сеќавам да имало и во време на турско. Нашите револуционери од ВМРО не биле судени на толку драконски казни.
Второ, симтоматично кај овој предложен кандидат ми е тоа што таа треба да биде кривично да биде ставена на одговорност после падот на овој хибриден режим, затоа што шуруваше со власта и ги штимаше нарачаните пресуди и решенија за притвор при промена на уставното име. Во перспектива, таа е судија поради кој ќе бидеме осудени од Стразбург затоа што маратонски ги држеше рочиштата и затоа што во нејзините пресуди имате политички памфлети, а не правни образложенија.
И на крајот, таа е заштитник на олигархијата, Самата си кажа дека е лична пријателка со Орце Камчев и Зоран Заев, едни од најбогатите луѓе во државата.
Каква корист би имале ние од судиите ако тие можат да бидат принудени да се сложат со неправичните барања на власта? За жал, овој предложен кандидат е токму таков и затоа Левица ќе гласа против нејзиниот избор.