Група составена од 170 сегашни и поранешни дипломати денеска во францускиот дневен весник Монд објави петиција против победата на крајната десница на следните парламентарни избори, што според нивното мислење „ќе ги ослаби Франција и Европа во одреден момент на војната“.
„Бевме сведоци на руската инвазија на суверена држава и на начинот на кој Русија го уништи со тенкови она што гарантираше мир на европскиот континент. Видовме и како тероризмот влијае на демократијата, како нелибералните режими го ограничуваат плурализмот и слободата на медиумите. И не можеме да прифатиме дека победата на крајната десница ќе ги ослаби Франција и Европа додека војната продолжува, а национализмот ги уништува сојузите и општествата“, напишаа потписниците.
„Нашите противници ќе ја сфатат победата на крајната десница како слабеење на Франција и повик за мешање во нашата национална политика, за агресија против Европа, вклучително и воено и економско потчинување на Франција и континентот“, изјавија дипломатите.
Две анкети, чии резултати беа објавени денеска, укажуваат на силно водство на екстремистичкиот Национален собир и неговите десничарски сојузници при пребројувањето на гласовите во првиот круг од парламентарните избори и тие изнесуваат меѓу 35,5 и 36 отсто.
По нив следува левицата – Новиот народен фронт со 27 до 29,5 отсто од гласовите, додека партијата Преродба на претседателот Емануел Макрон е далеку зад нив со 19,5 до 20 отсто.