Апелациониот суд ја потврди одлуката на Кривичниот суд за случајот „Монструм“ од 23 февруари минатата година. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ остануваат во затвор со доживотна казна. Апелација ја потврди казната од 15 години затвор за Фејзи Азири и 9 години за Хаки Азири.
Апелациониот суд кратко соопшти дека жалбите на сите осудени се отфрлени.
Повторното судење за „Монструм“, случај кој се однесува на убиството на петте лица кај Смилковското езеро во 2012 година, дојде откако поранешното Специјално јавно обвинителство го презеде застапувањето на обвинението за тероризам. Двајца од осудените, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, беа осудени во отсуство поради бегство во Косово. Приштина неколку пати одби нивна екстрадиција во земјава.