Апелацискиот суд Скопје ја укина пресудата со која поранешниот кавадаречки градоначалник Александар Панов беше осуден за поткуп при избори и гласање. Дека предметот е вратен на повторно разгледување во Основен суд Кавадарци, потврди Лилјана Ситниковска, судија и портпарол на судот.

Со пресуда на Основен суд Кавадарци во август минатата година, Александар Панов беше осуден на два месеца затвор за кривично дело поткуп при избори и гласање.

За ова дело предвидена е парична казна или казна затвор до една година, појасни тогаш судијата доктор Лазар Нанев.

– Согласно на законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, делото се класифицира во петта хоризонтална категорија каде врз основа на податоците за личноста се класифицира во прва вертикала бидејќи е неосудуван досега, за што законодавецот утврдил парична казна од пет до 120 глоби или затвор од 30 дена до два месеца, појасни тогаш судијата Нанев.