На предлог на Специјалното јавно обвинителство, Апелацискиот суд Скопје им ги продолжи мерките куќен притвор во траење од 30 дена за осомничените лица Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ во предметот „Империја“.
-Ја информираме јавноста дека по доставени предлози од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, од страна на Апелациониот суд Скопје донесени се решенија со кои се продолжуваат мерките куќен притвор во траење од 30 дена за осомничените лица Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, соопштија од СЈО.
Од СЈО информираат дека за осомниченото лице Тодор Мирчевски, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителна мерка на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице.
За осомничената Зорица Арсовска, пак, како што е наведено во соопштението, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Кривичниот суд – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителни мерки на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице, забрана за посетување на деловните простории каде што осомничената работи, како и забрана за превземање на определени работни активности од дома, а кои се поврзани со правните лица – предмет на истрагата.