Укината е првостепената пресуда за случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство и случајот е вратен на повторно судење, потврдија од Апелацискиот суд во Скопје.
Одлуката, како што информираа од Апелација, е донесена минатата недела.
Во овој случај, што се однесува на набавката на возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, на двегодишна затворска казна е осуден поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Поповски, како што напишаа дел од медиумите, е префрлен од затворот „Идризово“ во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи второстепениот суд му одредил мерка притвор.
Пресудата за затворската казна на Поповски беше донесена во мај годинава.