Да се погрижиме да се спроведе Договорот од Преспа онака како што е потпишан и сите ние да ги извлечеме позитивните работи од него, вели за МИА, поранешниот министер за одбрана на Грција во владата на СИРИЗА и поранешен началник на Генералштабот на грчката армија, Евангелос Апостолакис.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Апостолакис изразува оптимизам дека промените во Грција нема да го запрат континуитетот на соработка, иако смета дека ќе биде потребно малку време за адаптација, вели и двете страни веруваа и успеаја да започнатата одбранбена соработка, која оди напред.
Апостолакис во јануари, во владата на СИРИЗА дојде на местото на Панос Каменос во Министерството за одбрана на Грција и за време на посетата на тогашниот премиер Алексис Ципрас на Скопје, со Радмила Шекеринска потпишаа сеопфатен Договор за соработка во одбраната.
Господине Апостолакис, Вие имавте чест, додека бевте министер за одбрана, да започне одбранбената соработката меѓу двете земји.
– Започнавме една соработка која ценам дека продолжува. Сметав дека е можност и за двете држави да започнат соработка, дека можеме да си помогнеме еден на друг, особено во однос на вооружените сили, бидејќи беше многу важно да се започне со одредени работи и многу брзо беа воспоставени некои контакти и конкретни чекори. Целта беше да ѝ помогнеме на Северна Македонија колку е можно побргу да се адаптира и да се поврзе, да стане член на НАТО, да помогнеме во прашањата поврзани со безбедноста и да соработуваме во оние теми со кои што се соочуваме како заеднички проблеми во регионот. И двете страни верувавме во тоа. Започнавме многу добро. Оди напред…
Договорот од Преспа наиде на критики и од двете страни на границата и во двете земји…
– Она што често го велам е дека независно од тоа што веруваат од едната или од другата страна за позитивните резултати дали беше добар или лош договорот, она што сега треба да направиме е сите ние да ги извлечеме позитивните работи. Да се погрижиме да се спроведе како што е потпишано и да биде позитивен за сите, а не да се труеме со тоа дали беше добар или лош. Толку години го живеевме ова.
Веќе е реалност договорот…
– Да. Единствено нешто што треба да гледаме е како да произлезе нешто позитивно. Ова е многу важно.
Со промената на власта во Грција, Вие лично сте оптимист дека ќе има континуитет? Ќе продолжи започнатата соработка?
– Јас сум оптимист дека ќе има континуитет. Ќе се надминат некои тешкотии. Потребно е малку време за да има адаптирање на новата ситуација и од едната и од другата страна. Мислам дека се ќе биде во ред, бидејќи е потребно и треба да биде така.