Изготвување меморандум за соработка во кој ќе бидат вклучени тимови од двете страни, договорија на денешната билатерална средба министерот за земјоделство Љупчо Николовски и неговиот грчки колега, министерот за земјоделство и храна, Ставрос Араховитис.
-Сега е вистинскиот момент за интензивирање на грчко-македонската трговска соработка во делот на земјоделско-прехранбените производи, порача Араховитис на средбата.
Како што соопшти МЗШВ, Николовски и Араховитис се договорија двете министерства да работат на размена на искуства, експертска помош, како и иницирање соработка меѓу регионите во земјава и Грција, кои се познати по производство на ориз. Соработката во делот на оризопроизводството би подразбирала натамошна поддршка на Институтот за ориз во Кочани и пренесување искуства од страна на Институтот за ориз во Грција, како и иницијативи за локален развој преку воспоставување соработка меѓу општините кои се значајни реони за производство на ориз во двете држави.
Двајцата министри се согласија и дека е потребно заедничко дејствување за заштита на рибниот фонд, договорање квоти за риболов и собирање податоци за заедничките риболовни води – на Дојранското и Преспанското Езеро, што е во интерес на двете земји.
Според Николовски и Араховитис, заеднички треба да се работи на одржливоста на руралниот развој и руралните средини особено во пограничниот регион.
Министерот Араховитис го покани министерот Николовски да присуствува на заеднички форум во Грција на кој би учествувале надлежните институции од областа на земјоделството и руралниот развој, стопанските комори и бизнисмените од секторот за преработка на земјоделски производи.
Араховитис е дел од грчката владина делегација што во рамки на денешната официјалната посета на Скопје ја предводи премиерот Алексис Ципрас.