Според извештаите на арапските медиуми, пет лица биле убиени во нападот врз Катар на 9 септември, од кои сите наводно биле членови на Хамас, но не и членови на раководството на палестинската милитантна група, објавува „Тајмс оф Израел“.
Според извештаите, загинатите се Химам ал-Хаја, син на лидерот на Хамас во Газа, Калил ал-Хаја, Џихад Лабад Абу Билал, директор на канцеларијата на Калил ал-Хаја, и тројца „соработници“, што веројатно се однесува на телохранители или советници на високи функционери на Хамас – Абдула Абу Халил, Моамен Абу Омар и Ахмад Абу Малек, објавува израелскиот портал.
Израелските власти велат дека се се повеќе уверени дека раководството на Хамас е убиено откако на местото биле фрлени 10 бомби. Потсетувајќи дека Хамас претходно се обидел да ја прикрие смртта на своите лидери, објавува „Тајмс оф Израел“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) и безбедносната служба Шин Бет претходно на 9 септември соопштија, по експлозиите во главниот град на Катар, дека биле извршени воздушни напади врз раководството на палестинската милитантна група Хамас.
Висок израелски функционер изјави за Канал 12 дека американскиот претседател Доналд Трамп дал зелено светло за израелскиот напад врз Катар, објави „Тајмс оф Израел“.
Израелските извештаи велат дека меѓу лидерите на Хамас на состанокот во Доха кои биле цел на Израел биле долгогодишниот лидер на Хамас, Халед Мешал, и Халил ал-Хаја, за кои се вели дека се „директно одговорни“ за нападот врз јужен Израел во октомври 2023 година.
Катар „остро го осуди“ израелскиот напад, кој го нарече „кукавички“, а висок катарски функционер рече дека целните лидери на Хамас се собрале во Доха за да разговараат за предлогот на Доналд Трамп за прекин на огнот во Газа.
„Хамас доби нов американски предлог од нас, кој го добивме од Виткоф минатата недела во Париз. Катарскиот премиер Мохамед Абдулрахман ал-Тани се сретна вчера со преговарачите на Хамас. Делегацијата на Хамас потоа одлучи повторно да се состане денес за да разговара за предлогот, патувајќи од Турција до Катар, каде што се случи нападот“, рече високиот катарски функционер.
Арапските медиуми објавија дека врвни лидери на Хамас биле присутни кога зградата во која се наоѓале во Доха била погодена од израелски воздушен напад. Извор на Хамас потврди за телевизијата Ал Арабија дека цел на израелскиот напад во Доха биле високи функционери на Хамас кои разговарале за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците.
Ал Арабија објави изјава од катарски претставници во која се наведува дека нападот во Доха бил флагрантно кршење на сите меѓународни закони и норми и сериозна закана за безбедноста на народот на Катар.
Министерството за надворешни работи на Катар потврди дека безбедносните сили, цивилната одбрана и надлежните органи веднаш почнале да преземаат потребни мерки за да ја обезбедат безбедноста на луѓето и околните области.