Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.
Драги браќа и сестри, апостолите се ѕвезди на духовното небо, реки на Духот, столбови на Црквата, која затоа и се нарекува апостолска. Дали да ги пофалиме? Не сме достојни. А на нив не им се ни потребни пофалби. Тие имале посебни благослови и примиле посебни дарови за своето дело.
Навистина е восхитувачко тоа што сите тие потекнувале од различни краеви и дека секој од нив имал различен карактер, а сепак биле обединети. Црквата ги воспева како „разделени телесно, а обединети во Духот“. Дванаесет тела но една душа, еден дух, една мисла, едно чувство.
Што е тоа што ги обединувало? Лицето на нашиот Господ Исус Христос, верата во Христа. Тие верувале непоколебливо. И ние велиме дека веруваме, но нашата вера не може да се спореди со верата на апостолите. Богочовекот Христос, драги браќа и сестри, многу подлабоко и повеќе ги познава луѓето отколку што тие самите се познаваат. Он знаел дека само тие прости и простодушни рибари, кои живеат во Божјата природа и Му се поблиски на Бога, ќе ја примат и ќе ја усвојат со сета душа Неговата блага вест и за неа ќе поднесат најголеми жртви, како што и поднесоа. А покрај тоа, тие рибари беа луѓе со голема вера и чисти срца. Кога Христос ги испрати своите апостоли да им го проповедаат Евангелието на сите народи, ги испрати со овие зборови:
„ВЕ ПРАЌАМ КАКО ОВЦИ МЕЃУ ВОЛЦИ. НО, ЈАС СУМ СО ВАС.
Нема да ве оставам сами. Не грижете се ниту мислете што однапред ќе говорите, зашто нема вие да говорите туку Духот свети. Во светот ќе имате маки, но не грижете се, зашто Јас го победив светот“.
Во простотата и чистотата на срцата и во големата вера на апостолите се пројавила силата Божја, со која апостолите го победија стариот пагански свет и благата вест Христова ја пронесоа низ сите народи. Во тогашното општество, грубо и потонато во пороци, зборовите братска љубов и милосрдие беа непознати. Но, каков и мраз да има во душите и срцата човечки, љубовта како сонце сѐ топи. А апостолите говореа за божествената љубов Христова кон луѓето, Кој заради нас и заради нашето спасение слезе од небото и стана човек, Кој беше распнат и воскресна, Кој се вознесе на небесата и
Кој повторно ќе дојде да им суди на живите и на мртвите и на Неговото Царство не ќе има крај.
И така, со силата на Духот Свети, преку апостолите Христови, настана голема, епохална преобразба на човечкото општество и многу волци, меѓу кои Христос ги испрати Своите апостоли, постанаа луѓе, нови луѓе, деца Божји – Христијани. И така се зацврстила Црквата Христова, таа тврдина, која ни вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
За Христовото Евангелие апостолите претрпеа најужасни маки и страдања. Тие, речиси сите, со својата крв го запечатија учењето кое го проповедаа. Сите тие ги завршија своите подвизи со маченичка смрт. Но, нивните маки ги правеа само да бидат уште поцврсти во верата и уште поблиски на Бога. „ Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја?“ – прашува апостол Павле. И самиот веднаш одговара: „Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни сегашноста, ни иднината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8: 35, 38, 39). Со таа пламена љубов и преданост на Господа Спасителот тие можеа да ги издржат толку големите напори и маки, заради величенствените начала на Божјиот закон. Мотивирани со таа љубов, и нам ни ги оставија во аманет, усно и писмено, тие возвишени Божји заповеди:
Да имате жива вера во Бога. Да го почитувате и да го сакате Бога со сето свое срце и со сета своја душа. Не се врзувајте за овој суетен свет. Оти пријателството на овој свет е непријателство на Бога. Имајте на ум дека сте гости тука на земјата, оти сте жители на вечноста. Вашата душа е бесмртна. Бидете пријатели на Бесмртниот. Живејте според Неговот Евангелие. Сакајте ги ближните. Правете им добрини. Сакајте ја правдата и секогаш правично постапувајте. Бидете со милостиво срце. Чувајте ја совеста чиста и душата света. Врвете по нас, по патот на верата и љубовта! Такви се заповедите на Божјиот закон, такви се и светите Христови апостоли.
Тоа учење со векови се проповеда во светот. Со години и ние ги слушаме тие проповеди. И сите увидуваме дека така треба да постапуваме, ако сакаме животот да ни биде исполнет со мир, радост и задоволство. Но, покрај сето тоа, тие совети не се почитуваат. Особено во денешно време. Секој денес гледа дека верата во Бога слабее, се губи љубовта кон ближните. Правдата и правичноста ги нема во човековите дела и во животот. Кражби, измами и лаги се сретнуваат на секој чекор. Моралната расипаност зазема сѐ поголем замав. Совеста кај луѓето како да затапува сѐ повеќе и повеќе. Душата е темна и измачена. Животот е исполнет со неправди, насилства и срамни дела и станува сѐ потежок и понеподнослив.
Кои се причините за губењето на верата и моралот?
Зар сме сите последователи на Христа Спасителот?
Зошто не се стремиме да ги исполниме заповедите на Неговиот евангелски закон? Зошто не можеме да ги исполнуваме советите на Неговите свети апостоли? Постојат повеќе пречки. Но сето тоа може да се изрази со зборовите: Ни пречи пријателството со светот. А апостолите ни велат:
„ПРИЈАТЕЛСТВОТО ОД ОВОЈ СВЕТ Е НЕПРИЈАТЕЛСТВО НА БОГА“.
Кој сака да му биде пријател на светот, не може да ги исполни Божјите заповеди за верата, љубовта, правдата и чесноста.
Апостолите ги напуштија бројните земни грижи и појдоа по Христа. Тие поверуваа дека, што ќе го добијат царството Божјо и Неговата правда, ќе имаат исѐ друго. Во денешното општество се случува сосема спротивното. Таа силна вера веќе ја нема кај луѓето. Им пречат прекумерните земни грижи. Луѓето денес, иако во своето срце ја немаат правдата Божја, сакаат да имаат сѐ друго. Но, сето тоа тешко се постигнува без Божја помош. Во тие прекумерни земни грижи мнозина забораваат на најважното, забораваат на душата. Празниците кои се наменети за тоа не ги почитуваат. Црковното богослужение не се посетува. Не го слушаат ни евангелското и апостолското слово Божјо. Затоа верата кај нив слабее, а љубовта кон добрините и правдата се губи.
Страста за богатството е втора пречка за исполнување на апостолските совети. Тие некогаш ги оставија сите свои мали земни блага, за да ги соберат на небото. Сега луѓето обратно постапуваат. Повеќето од нив како главна цел во животот си го поставуваат земното богатство. И не се воздржуваат до него да дојдат со највалкани средства. Во својата луда желба да се збогатат забораваат на верата и совеста, ја газат правдата и чесноста. Во ненаситната трка по парите, свесно или несвесно мнозина прават неправди, дури и груби грабежи и престапи.
Трета пречка за исполнување на апостолските совети е жедта за наслади и задоволства. Во последно време таа жед е прекумерна. Повеќето од луѓето со неа се заразени. Голем број од луѓето само за тоа размислуваат. Мнозина ги упропастуваат своите имоти заради безумни уживања. Честопати тие уживања се од највалкана природа. Луѓето создаваат за себе уживања и задоволства без граници помеѓу дозволеното и забранетото. Сакаат постојано чашата на сладоста од овој свет да биде полна. И сите кои така алчно пијат од таа чаша се вистински пријатели на светот. Излишно е да се напомнува дека средствата за полнење на чашата со таква сладост честопати се плод на измами и престапи.
Знаејќи дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога, апостолите оставија сѐ што е земно и појдоа по Христа. За да бидеме пријатели на Бога, од нас се бара многу помалку. Се бара само да не се предаваме на земните грижи до таа мера, та да го заборавиме најважното спасението на душата. Да не заборавиме дека нѐ очекува праведниот Божји Суд. Апостолите го одбраа подобриот дел: да ја проповедаат верата, правдата и братската љубов и да ги всадат во срцата на луѓето и народите. Сите ние не можеме да бидеме такви апостоли, но сите можеме да одбереме добриот дел
– да ги всадуваме верата, правдата и чесноста во нашите срца и да ги чуваме како очите во глава. А кој ги има во своето срце овие божествени добродетели, тој никогаш нема да побара незаконска добивка, ниту пак богатството ќе го земе како цел во својот живот.
Никогаш во него нема да проговори желбата за гревовни уживања и валкани задоволства, ниту пак ќе стане верен пријател на светот наклонет кон гревот.
Според тоа, штом нашиот дух се ослободи од мрежата на гревот и страстите, слободно ќе се вивне во висините кон
Изворот на љубовта и правдата. Оти само тогаш кога нашиот дух ќе биде во близина на Бога, нашиот земен живот ќе биде светол и радосен. Тогаш сите ќе успеваме во правдата, набожноста, верата, љубовта, трпението и кроткоста.
Свети славни апостоли Христови, молете Му се на Бога за нас, за и кај нас, во немоќта наша, да се пројави моќта и помошта Божја, за да бидеме способни да се одржиме во верата и на својот пат низ животот да истраеме со Христа. Амин.