Околу 1.100 архитекти и експерти за одржување на културно наследство го повикаа францускиот претседател Емануел Макрон да овозможи доволно време за увид во ситуацијата со оштетувањата на катедралата Нотр Дам, со цел да се гарантира добар резултат од работењето при реконструкцијата на париската катедрала.
Тие во колумна објавена во весникот „Ле Фигаро“ побарале од Макрон пред да носи какви било одлуки за иднината на градбата, да им овозможи на експертите и историчарите доволно време „за дијагноза“.
Експертите предупредуваат на политичката замисла, која е заснована набрзина, и затоа бараат промислен и етички пристап кон работите.
Француската Влада минатата недела претстави предлог-закон, кој ќе им овозможи на работниците во врска со обновувањето на Нотр Дам да прескокнат еден дел од процедурата. Макрон, пак, претходно како цел за реконструкција на катедралата постави само пет години, што од страна на некои експерти е оценето како невозможно.