Реакција на Државниот архив на прес-конференцијата на политичката партија „Левица“
Ревизијата ќе даде одговори како бил раководен Државниот архив во изминатиот период

На ден 22 декември 2024 година, Александар Симонов од политичката партија „Левица“ одржа прес-конференција во однос на состојбите во Државниот архив и во објектот во кој се наоѓаат три институции, Државен архив, Археолошки музеј и Уставен суд. Во интерес на вистината реагираме затоа што Симонов тенденциозно премолчи, односно обликуваше информации во корист на дневнополитички потреби.
Сегашното раководство на Државниот архив ја води институцијата четири месеци и наследи предизвици на кои посветено во партнерство со Владата наоѓа можности за итно решавање на затекнатите состојби. Во моментов се преземаат чекори за кои јавноста ќе биде запознаена.

Второ, веднаш по именувањето на новото раководство пратено е барање до Државниот завод за ревизија за вршење на целокупна ревизија на работата на институцијата во изминатиот период во контекст на информациите кои ги споменува Симонов за преземените дејства во 2019 година. На оваа прес-конференција беше употребена тактика на пренагласување, така што беше изнесено дека „на паркинг се чуваат документи и книги коишто се уништуваат на повеќе локации внатре“, што најостро го демантираме. Со оваа манипулација се понижуваат долгодишните професионалци во Архивот, кои најдобро знаат дека документи не се чуваат на паркинг. На видеоснимките е прикажано место за привремено складирање на хартиен отпад од тековната работа и простор кој не го користи само Државниот архив.

Во однос на наводите за избрана печатница за печатење материјали за потребите на Државниот архив, информираме дека новото раководство со надлежното Одделение за јавни набавки спроведе тендерска постапка во согласност со закон со почитување на сите критериуми. За тендерските постапки спроведени пред август 2024 година ќе се изјасни Државниот завод за ревизија. За правилно информирање на Александар Симонов и јавноста, Државниот архив не печати „документи“ во печатница, туку прави порачки за печатење изданија, рекламни материјали и сето она што е потребно за дејноста како и на многу други институции. Имено архивската дејност согласно Закон за архивски материјал не подразбира печатарски услуги. Ниту во Правилникот за систематизација ниту во Правилникот за внатрешна организација не е предвидена посебна организациона единица-печатница.

Оттука сметаме дека на одржаната конференција беа изнесени паушални тврдења, полувистини и нафрлени информации во форма на „расфрлани пердуви“ со премолчување на фактот дека институцијата има ново раководство кое не е континуитет на претходните. За законското раководење на Државниот архив во изминатите години ќе се изјаснат надлежните институции. Доколку Симонов сакал изворно да се информира за она што го говори и за информациите кои стигаат до него, за тоа постојат соодветни постапки.
Почитта кон граѓаните произлегува од правилно информирање со доследно познавање на состојбите и на архивската дејност кога е во прашање Државниот архив.