Аријанит Хоџа и официјално ја формираше Европската демократска партија. Поранешниот потпретседател а БЕСА, реши да го напушти Касами и заедно со пратеникот Басри Бајрами да формира нова партија. Вели дека ќе биде освежување на македонската политичка сцена, објави во својот прилог Сител.
Новата партија на албанската сцена ја формираат главно кадри кои својата кариера ја разделиле во неколку политички партии. Бајрами беше градоначлник на Арачиново од Нова Демократија пред да ја почне соработката со ДУИ од каде прелета во БЕСА. Тука е и Ваљон Бела кој ги носеше дресовите на неколку политички партии во албанскиот блок.
Иако не прецизираа, европските демократи на Хоџа веројатно ќе бидат поддршка на ДУИ во Собранието.
Аријанит Хоџа важеше за предводник на скопското крило на БЕСА. Во партиските кругови се зборува дека бил клучен фактор во одлуката на Гаши да ја напушти оваа партија и да ја формира Алтернатива. Имајќи предвид дека Гаши сега се враќа во јатото на Касами, Хоџа формира нова партија која не крие дека не ги дели ставовите со албанската опозиција зад која во моментов стојат Касами, Гаши и огнениот Меџити. А тој, својата нова партија ќе ја формира утре. Заедно со неа, во македонското собрание ќе има дури 7 албански политички партии.