По почетниот претпазлив став, Грција во изминатите денови се мобилизираше за да испрати порака дека ќе се бори за продолжување на проширувањето, но и за да ја поддржи целта на реформите на Западен Балкан, вели професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас за МИА.
Објаснува дека Грција сама, не можеше да стори ништо за да го спречи француското вето, но коментира дека сега, грчката дипломатија одново се активира за ЕУ перспективата на Западен Балкан.
Професорот, во разговор со дописничката на МИА од Атина, говори за претстојните средби на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис и на претседателот Стево Пендаровски со Емануел Макрон, го коментира француското вето, но и грчките позиции во однос на ЕУ перспективата на Западен Балкан.
Грчкиот професор и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“, кој важи за одличен познавач на ситуацијата на Балканот, не е оптимист дека по средбата на Пендаровски со Макрон би се сменила позицијата на Франција и изразува загриженост дека можеби ставот на Париз и не е минлив, сепак вели дека не треба да се дозволи државите од Западен Балкан „да ги платат последиците“ за политиката на ЕУ, бидејќи реформите на унијата ќе бидат тешка битка но и битка во која не треба „жртва“ да биде регионот.
Професоре, да започнеме од она што е последно во односите меѓу С. Македонија и Грција, односно закажаната средба на премиерите на двете земји, Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис во четврток во Солун. Што да очекуваме од разговорите, што означува оваа средба?
-Тоа е апсолутно позитивна разврска што означува одново активирање на грчката дипломатија во насока на поддршка на европската перспектива на Западен Балкан. Во исто време е и поддршка за премиерот на С. Македонија, кој и покрај храбрата помирувачка агенда и успешната дипломатија, ќе води тешка политичка битка, од неповолна положба поради француското вето за почеток на пристапни преговори. Сметам дека ќе треба да постојат и други активности за поддршка на раководството на Заев во следниот период, иако ова можеби и не е особено пријатно за многу гласачи на сегашната грчка влада. Актуелното раководство на С. Македонија ја има најреформската, проевропска и помирувачка агенда на Западен Балкан. И има докажано дека не води сметка за политичката цена во нејзините обиди да ја промовира оваа прогресивна агенда. Ќе треба во следните месеци да се поддржи и од Атина и од другите земји кои сакаат да ја промовираат европеизацијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
Го споменавте француското вето, како Вие лично ги гледате работите во регионот по блокадата од Макрон?
-Уште од прв момент напишав дека потегот на Макрон е апсолутно негативна разврска, историска грешка, како што беше карактеризирано од многу лидери. Претседателот Макрон тргнува од искрена намера за справување со проблемите во функционирањето на ЕУ и има право да се фокусира на потребата за реформи и продлабочување. Но, поврзувањето на овие правилни намери и цели со блокирање на проширувањето е погрешно. Поради низа причини, сметам дека овој потег може да биде почеток на особено негативни случувања во регионот.
Она што особено ме загрижува е дека според многу показатели овој став може и да не е само минлив и поврзан со изборите во Франција или загриженоста за подемот на екстремната десница. Напротив, постои голема веројатност во новата визија на претседателот Макрон за ЕУ, да нема место за Западен Балкан или за дел од него. За ова, нашите француски партнери остануваат нејасни. Но, постојат многу индикации дека францускиот претседател може да се обиде да направи целосно оспорување на политиката на ЕУ во регионот. Ова, според моето мислење, би било катастрофален избор, не само за стабилноста и демократијата на Западен Балкан, туку и за националните интереси на соседните земји на Западен Балкан и за европскиот интерес во целост.
Претседателот Стево Пендаровски во вторник во Париз ќе се сретне со неговиот француски колега. Оптимист сте дека можеби Макрон би ја сменил позицијата?
-Мислам дека е тешко. Многу веројатно е дека бранот спротивставувања за ветото на Франција од влади, меѓународни медиуми и аналитичари да му пречеше и да го изненади непријатно францускиот претседател. Впрочем, самиот претседател Макрон има амбиција да води нов реформаторски импулс во Европа. Сигурно, општата спротивставеност на неговата позиција не се поврзува со неговата амбиција за една таква улога. Но, во исто време, бидејќи
Франција е една од двете централни земји на европската интеграција и токму затоа што претседателот Макрон ги има овие политички амбиции и европската визија никогаш не би дозволил да се чини дека отстапува под притисок на другите.
За Франција да направи промена на позицијата ќе треба да се покаже дека нејзините забелешки за процесот на проширување и за европската интеграција во целост, сериозно се земени предвид и се направени важни чекори за промените во насоката што ја посакува Париз. Може да се направат такви промени толку брзо за С. Македонија да би можела да добие зелено светло во првата половина на 2020 година? Во оваа насока притискаат САД, но и многу европски земји на чело со Италија. Но, дискутабилно е дали постои можност да се случат промени што бараат технократски редизајн на тешки и бирократски процеси за толку кратко време. Исто така, со оглед на разликите во мислењата на земјите од ЕУ за прашањето, политичкиот консензус за пакетот промени нема воопшто да биде лесен. Генерално, постојат идеи за тоа како може да се редизајнира процесот на проширување, но ЕУ во неколку наврати има докажано дека не е во можност да донесе клучни, но тешки одлуки во краток временски рок.
Исто така, тука треба да се истакне дека Германија и други земји немаат покажано доволно разбирање за француските позиции за реформи во ЕУ, ниту вистинска волја за овие реформи да се направат толку брзо колку што би сакал Париз. Па така, претседателот Макрон има поплаки и сериозни забелешки за многу партнери. Но, она што е погрешно е да дозволи државите од Западен Балкан „да ги платат последиците“. Реформите на ЕУ ќе бидат тешка битка што ќе има големи политички и економски последици, но исто така битка што не треба како „жртва“ да ги има државите од Западен Балкан.
Да се навратиме на Самитот на ЕУ. Сметате дека Грција можеше да направи повеќе за да се избегне ветото? Или пак можеби сега да преземе некоја иницијатива за европската перспектива на С. Македонија?
-Грција, сама, не може, нема моќ да спречи такви активности. Но, може да соработува со други земји што имаат силен интерес во перспективата за интеграција на целиот Балкан во ЕУ за да се одржи во живот европската перспектива на регионот. Грција, исто така има многу добри односи со Париз и исти ставови со Французите за многу теми, меѓу кои и за потребата за реформи за продлабочување и за непречена работа на ЕУ. И бидејќи е земја од балканскиот регион која може подобро да ја сфати важноста на европската перспектива на регионот, може најдобро да им ги објасни на француските партнери последиците од еден неуспех на проширувањето.
Првите реакции од грчка страна беа особено млаки: едно многу внимателно несогласување со француските позиции. Секако, некои политичари, за среќа не и од официјалната влада, стигнаа до степен да им е мило за француското вето, очигледно не знаејќи дека овој чин ги доведува до прашање одлуките од Самитот во Солун, кои што се еден најголемите успеси на грчката дипломатија и до денес, камен- темелник на политиката на ЕУ на Балканот. Други најдоа можност да побараат поништување на Договорот од Преспа. За среќа, како министерот за надворешни работи Дендиас, така и Дора Бакојани остро ги критикуваа овие несоодветни изјави и ставови.
Што можеше Грција да направи поинаку?
-Можеше поотворено и гласно да ја изрази нејзината спротивставеност на француското вето. Да потенцира дека ЕУ е обврзана со одлуките на Европските совети кои во повеќе наврати истакнаа дека сите држави од Балканот имаат место во унијата доколку ги исполнат поставените услови. Овие одлуки на ЕУ не се променети и тоа треба да биде јасно и за земјите- членки на ЕУ и за земјите- кандидати од Западен Балкан.
Треба секако да се истакне дека по почетниот претпазлив став, Грција во изминатите денови се мобилизираше за да испрати порака дека ќе се бори за продолжување на проширувањето, но и за да ја поддржи целта на реформите на Западен Балкан. На пример, за само неколку дена имавме низа важни средби: на премиерот Мицотакис со албанскиот премиер Рама, на министерот за надворешни работи Дендиас со Димитров во Женева, а грчкиот премиер следнава седмица ќе се сретне со Зоран Заев. Според сигурни новинарски информации, под министерот за надворешни работи, Дендиас, се одржа средба на високи дипломатски фактори, на која процената на учесниците беше дека потезите на Франција се директно против Солунската агенда и ова доаѓа во конфликт со грчките интереси во регионот. Сето ова е во правилна насока. За државите од Западен Балкан и за нивната перспектива за влез во ЕУ потребно е силно дипломатско присуство на Грција.
Како ја коментирате позицијата на грчката влада дека не треба да има одвојување (decoupling) и дека двете земји треба истовремено да добијат датум? Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Варвициотис, во едно негово интервју рече дека евентуалното одвојување би го радикализирало албанскиот елемент во регионот.
-Разбирам дека позицијата протива одвојување (decoupling), која освен Грција ја делат и Германија, Италија и повеќето земји од ЕУ, изгледа неправедна за С. Македонија, која има јасно направено побрзи чекори на подготовка за преговори со ЕУ во однос на Албанија. Но, мислам дека раздвојувањето беше погрешен избор со фактот дека и двете земји направија доста, барем за почеток на преговори. Исто така, да се истакне дека во случајот со Албанија, преовладуваше позицијата дека ќе беше условен и никако гарантиран почеток на преговори.
Секако, треба да кажам дека по ветото од Франција, можеби ќе постојат нови напори за некое „индиректно раздвојување“, за да се зголемат можностите за успех за С. Македонија. Доколку се турка такво нешто, во секој случај, ќе треба да биде придружено од јасни пораки до Албанија и другите две земји од Западен Балкан дека патот останува отворен и за нив и во никој случај нема да биде трајно исклучен од Црна Гора, Србија и С. Македонија.
Исто така, морам да истакнам дека од многу страни веќе повторено се слушаат ставови кои покажуваат силни предрасуди против Албанија и Албанците или дури и општо против муслиманско мнозинство во регионот. Самите изјави и интервјуа на претседателот Макрон би можеле погрешно да се разберат дека се обидува да направи разлика помеѓу „добрите“ и „лошите“ држави на Балканот. Ова е целосно бесцелна, погрешна и крајно опасна перцепција.
Сања Ристовска за МИА