САД синоќа го завршија повлекувањето на своите воени сили од Авганистан, речиси 20 години по присуство во таа држава.
„Сакам да објавам крај на нашето повлекување од Авганистан и крај на мисијата за евакуација на американски граѓани, државјани на трети земји и загрозени Авганистанци. Последниот авион Ц-17 полета од аеродромот Хамид Карзаи во понеделникот, 30 август, попладне во 15 часот и 29 минути по источноамериканско време и последен авион со луѓе го напушти воздушниот простор на Авганистан“, нагласи командантот на американската Централна команда, Френк Мекензи.
Тој додаде дека САД ќе ја продолжат дипломатската мисија со цел да ги евакуираат преостанатите американски државјани и оние Авганистанци кои сакаат да заминат. Се проценува дека се уште има околу 300 Американци во Авганистан.
„Вечерашното повлекување го означува крајот на воената компонента на евакуацијата, но и крајот на речиси 20-годишната мисија што започна во Авганистан кратко по 11 септември 2001 година. Тоа е мисија која донесе крај на Осама бин Ладен, како и на многу негови соработници. Тоа не беше евтина мисија“, рече Мекензи.
За време на мисијата, објасни тој, загинале повеќе од 2.460 американски војници и цивили, а повеќе од 20.000 биле ранети, вклучително и 13 војници кои загинаа во неодамнешниот напад на бомбашите самоубијци на ИД-К во близина на аеродромот во Кабул.
Крајот на најдолгата американска војна значи дека од овој момент, за првпат по речиси две децении, САД и нивните сојузници нема да имаат сили на теренот во Авганистан.
Американската војска ја изврши „најголемата неборбена евакуација“ во воената историја за 18 дена, кога евакуираше 79.000 цивили од Авганистан, изјави синоќа Мекензи, признавајќи дека не е можно да се евакуираат сите што сакаат.
„Од 79.000 евакуирани од аеродромот во Кабул, 6.000 се Американци, а повеќе од 73.000 се странски државјани и авганистански цивили“, рече Мекензи на прес -конференција во Пентагон, откако последниот американски воен авион го напушти Авганистан.
САД и другите земји заедно евакуираа повеќе од 123.000 цивили, а сето тоа беше овозможено благодарение на американската војска што го обезбеди аеродромот во Кабул.
Мекензи додаде дека не секој што сакал да го напушти Авганистан успеал да стигне до аеродромот.
„Дури и да останевме уште 10 дена, нема да можеме да ги извлечеме сите што сакаат да заминат. Се уште ќе има такви кои се разочарани. Ситуацијата е тешка“, призна Мекензи.
Операцијата за евакуација на Американците и Авганистанците започна на 14 август, кога Талибанците ја презедоа власта во Авганистан.
Во времето на објавувањето на повлекувањето на американската армија, во Кабул се слушнаа пукотници како знак на прославата на талибанците.
– Последниот американски војник денеска го напушти аеродромот во Кабул, а Авганистан сега конечно стана слободен и се здоби со целосна независност, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид.
Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се повикуваат талибанците да овозможат безбеден премин за луѓето кои сакаат да го напуштат Авганистан.
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека очекува талибанците да продолжат да гарантираат безбеден премин за Американците и другите кои сакаат да го напуштат Авганистан кога американските војници ќе заминат. Сепак, постои загриженост за тоа како останатите граѓани ќе го напуштат Кабул ако аеродромот е затворен. Десетици илјади Авганистанци во ризик, како преведувачи кои работеа за американската војска, новинари и заговорници за човекови и женски права, останаа во државата.