Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешниот брифинг со новинарите истакна дека шефот на кабинет на Шилегов, Никола Наумоски наместо да зборува против градот и местото од каде што зема плата, да се појави и да даде отчет за потрошените пари, за сметките од кафани и бројните злоупотреби кои се направени во негово време.
Арсовска истакна дека Наумоски земал одмор и боледување и не се појавува на работа да даде отчет и да ја предаде функцијата.
-Го гледам човекот кој беше шеф на кабинет на претходниот градоначалник кој се дрзнува да зборува против местото од каде што ја добива платата, а ја добива од парите на граѓаните на Градот Скопје и притоа си зема одмор, зеде боледување и не доаѓа на работа да даде отчет и да ја примопредаде функцијата. Треба да даде отчет и да каже каде се сите пари кои ги потрошил – рече Арсовска.
Таа нагласи дека Наумоски треба да објасни за парите за кафаните кои ги правеле во износи од илјадници евра, да каже што е она што го направи вклучувајќи ги неколку злоупотреби кои се детектирани и кои мисли дека со дрско однесување ќе може да му биде простено или заборавено.
-Нема да биде простено и заборавено и да знае дека ќе одговара пред граѓаните и градот. Ќе одговара затоа што многубројните злоупотреби кои се направени нема да се покријат со ароганција и дрскост – истакна Арсовска