Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска попладнево достави докази во Основното јавно обвинителство во врска со легализирани дивоградби во општина Чаир спротивно на закон.
Арсовска посочи дека за повикот на Основото јавно обвинителство до Град Скопје дознала утрово од медиумите и нагласи дека документацијата, односно доказите би требало да бидат добавени од страна на Обвинителството по службена должност, бидејќи, како што рече, Град Скопје има пуштено повеќе од 15 соопштенија и сите наводи се јавно објавени.
Според документацијата која што ја поседува Град Скопје од Катастарот за недвижнини, градоначалничката појасни дека може да се увиди дека биле упишани имотни листови спротивно на закон и без знаење и согласност од Град Скопје.
– Откако видовме дека е извршен овој упис спротивно на законот и без знаење и согласност од Град Скопје веднаш постапивме и ја известивме целокупната јавност. За истово ова трета година известуваме имаме информации пишани кои што ги доставуваме до Општина Чаир која што би требало по пристигање на нашата реакција да пристапи со рушење на дивоградбите кои што се обидел претходно да ги легализира, за кои требало да знае, морал да знае, односно знаел дека не може да се легализираат согласно закон и нема никаква реакција од таа страна, бевме приморани бидејќи го фативме и овој фалсификат, односно запишување од негова страна во катастарот базирана на неверодостојна исправа со која што лично се обидува да каже дека имал документација од Град Скопје дека е платен надоместок, а не е. Што значи приложил целосен фалсификат во катастарот, нагласи Арсовска.
Откако на 27 мај алармирале на терен за дивоградбата која што градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу ја упишал врз база на фалсификати, градоначалничката тврди дека еден час подоцна Ганиу изготвил решение за поништување на сопственото решение и го поднесол до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за подоцна да може да ја уништи целата документација.
– Доказ дека има направено кривично дело е тоа што го направи во изминатите денови. Да појаснам, на 27 мај откако излеговме на терен да алармираме за дивоградбата која што ја упишал базирана на фалсификати, еден час по нашето јавно излегување, додека се уште сме на терен и го чекаме Висар Ганиу да дојде и да ни ја презентира документација врз која што го извршил тоа запишување, тој прави решение за поништување на сопственото решение и го поднесува до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за да може понатаму да ја уништи целата документација. Веднаш после еден ден, односно по помалку од 24 часа од приемот на документацијата во Катастарот на недвижнини во Град Скопје, самиот Катастар знаеше дека се неверодостојни, рече Арсовска.
На новинарско прашање за тоа што очекува од Обвинителството, со оглед на нејзините тврдења дека во меѓувреме се уништуваат докази и дали се чувствува заштитено од државата Арсовска кусо одговори „од која држава, од овој којшто дозволува да се легализираат објекти кои што вредат милиони евра на грбот на граѓаните?“
Фото: МИА