Не сум виновна за ѓубрето и недостатокот на автобуси во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ преку советниците ги блокира сите проекти за политички поени, изјави градоначалничката на главниот град Данела Арсовска на прес конференција.

Во Комунална хигиена недостасуваат 120 работници кои не може да се ангажираат без да поминат одлуките на совет, исто е и со јавниот превоз, вели Арсовска, која кажа дека сама нема да преземе никакво вонредно решение, бидејќи така ќе го прекршела законот за што се оди во затвор.

-Добро е што Мицкоски се обиде да ги поправи грешките на неговите сопартијци, но за жал, сето тоа наликуваше на политички циркус само за добивање на политички поени. Јас не се натпреварувам за политички поени. Зошто мислите дека целата вина ќе ја префрлате врз мене кога јас да можев без нив до сега градот ќе ви беше среден. Не знам зошто сметате дека вината треба да е во мене за нешто за кое јас решение имам од прв ден. Јас бев најдобриот градоначалник до септември 2022 година додека не фативме нечии рачиња во медот. Од тогаш станав најлош градоначалник.-Данела Арсовска – градоначалник на Град Скопје.

Арсовска обвинува дека на вчерашниот состанок со Мицкоски и Перински сите планови кои ги презетирала еден по еден биле одбиени и не било точно дека таа отишла без конкретни решенија. Не сакаме конфликти и затоа ќе понудиме нови предлози в четврток пред Советот на седница, рече градоначалничката, која кажа дека единственото барање до Владата е само да го исплатат долгот од 2021 година од осум милиони евра кон ЈСП за студентите.

-Ние секоја година во изминатите три ипол години ако набавувавме по 50 автобуси, 150 нови автобуси ќе имавме. За жал, не се одважија и на вчерашната средба исто така кажаа – пари нема, девастиран е буџетот и нема да гласаат за таква одлука, иако ние повторно ќе ја предложиме па нека не гласаат. Еве вие ќе следите, ако не можеше да каже, да биде голем, штознам, како Груевски па да купи тој 250 автобуси и нека ги донесе во Скопје на скопјани.Данела Арсовска – градоначалник на Град Скопје.

Градоначалничката обвини и дека министерот за локална самоуправа манипулирал и не прифатил да ги соочи аргументите на заедничка прес конференција вчера. Перински по средбата имаше целосно спротивни аргументи од Арсовска, дека таа не понудила ништо конкретно и конструктивно, а освен критика за Советот не слушнале ништо друго.

Проблемите со ѓубрето, несредените јавни површини и автобускиот превоз во главниот град се таложат веќе подолг период. За хаосот досега никој не понесе одговорност, а доколку не се реагира со брзи решенија, се очекува со завршување на летната сезона состојбата да се влоши уште повеќе.