Решавање на постоечките проблеми во Општина Чаир и создавање услови за нормален, урбан живот, претстави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција. Посочи и на сите започнати и недовршени проекти од претходниот градоначалник кој не ги исполнил своите ветувања кон чаирчани.

“Овие бетонски прегради не се добро решение за градот, но сепак се користат иако треба да има целосно сообраќајно решение во овој дел на градот. Овие прегради се наместо изведување на една лента плус, што стои како неисполнето ветување. За разлика од половичните решенија, јас ќе успеам да го реализирам проектот. Овде мора да постои уште една лента. Како дополнение на ова решение е и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош и со тоа скопјани ќе добијат брзо и ефикасно сообраќајно решение кое ќе ги поврзува општините Чаир, Бутел и Центар. Овде во Чаир ќе го решиме и проблемот со паркинг места и вистински ќе изградиме нови катни гаражи и паркиралишта и тоа кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир и Топанско поле”, истакна Арсовска.

Арсовска дава решение за сообраќајниот хаос во Чаир, ќе понуди и услови за сигурно и безбедно користење на велосипеди преку изградба на нови велосипедски патеки што ќе го поврзат Чаир со Центар и Бутел, но, исто така ќе ги реши постоечки проблеми во некои заборавени делови од Чаир.

“За мене е неприфатливо во сите делови на Скопје да нема еднакви услови за живот за и за развој а во овој дел од градот сè уште има луѓе што живеат супстандардно, без фекална и атмосферска канализација и се мачат со водоводот. Треба да направиме сè што е возможно да имаат услови за квалитетен живот во главниот град”, истакна Арсовска.

Во оваа општина според програмата на Арсовска ќе биде еден од петте мега паркови во градот, по примерот на Градскиот парк во Скопје, а со посебни активности Арсовска ќе ја заживее и Старата скопска чаршија.

 

“Нема да ја заборавиме ниту Старата чаршија. Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да ја вратиме душата на Скопје и истата да стане култно место. Градот ќе посвети дополнителна грижа, во рамки на своите надлежности, за зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Ќе работиме и за целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација повторно да биде центарот на сите случува во Скопје. Ќе дадеме и поддршка за организирање на голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Скопје ќе биде модерен град но за сите скопјани тоа е мојата визија за Скопје, треба да биде град на соживотот и град на солидарноста”, потенцира Арсовска.

Од пред Јаја Паша Џамија во општина Чаир, Арсовска упати јавни прашања до градоначалникот во заминување за сите работи кои ги вети а не се реализирани.

“Прашања од мене и од сите нас скопјани, каде е ветеното ново сообраќајно решение кај Јаја Паша кое требаше да ја намали гужвата? Каде се монтажните паркинзи „Чаирчанка“ и „Џон Кенеди“? Каде е зиплајнот преку Вардар? Каде е долго ветуваната сообраќајница кај Мавровка која треба значително да го растерети сообраќајниот хаос во ова подрачје. Вети средување на кејот кај Серава кој ќе ги поврзува трите општини на нејзиниот брег. За жал и овој проект не е испорачан, а скопјани тоа го гледаат. Скопјани тоа го знаат. Ветија и велосипедски патеки, пешачки зони, а единствено што гледаме во Чаир е бетонизација и сивило”, заклучи Арсовска.